Како Хрватите ја раскантаа Аргентина на минатиот Мундијал

На мегдан ја имаме првата полуфинална мега пресметка во Катар. Меч меѓу двата последни вицешампиони за кои само златото е опција. Дуел меѓу двајца капитени и легенди од кои едниот вечерва ќе мора да се соочи со мундијалски збогум. Меси има 35 години, Модриќ 37.

Аргентина и Хрватска вечерва од 20:00 часот ќе бијат шеста битка од кои трета на Светските првенства. На СП 1998 Аргентина победи 1:0, а 20 години подоцна Хрватска и одржа лекција и ја декласираше со 3:0. Другите соочувања им се на пријателски.

Уште се свежи сеќавањата од Мундијалот во Русија кога се сретнаа во второто коло од групната фаза со малку изменети состави од сегашните.

Од позвучките имиња, Аргентинците тогаш ги имаа Агуеро, Игуаин, Маскерано, Биља, Банега..., а Хрватите Манџукиќ, Ракитиќ, Ребиќ, Врсаљко, Пјаца...

Момците на Далиќ победија 3:0 и сите голови паднаа во второ. Кабалеро направи кикс и му намести топка на Ребиќ кој ја опали на волеј. Потоа на сцена стапи Модриќ и со мајсторско голчиште го зголеми резултат, а на крајот ги дотолчи Ракитиќ.

Аргентина и Хрватска се финалисти на последните две Светски првенства, на кои и покрај тоа што не стигнаа до тронот, Меси и Модриќ еден по друг беа прогласени за најдобри на тие два турнири.

Малку статистика:

- Аргентина загуби само еден од последните 41 меѓународен натпревар (28 победи, D нерешени).

- Осум од последните 14 натпревари на Аргентина во нокаут фазата на Светските првенство против европските нации се играа во продолженија.

- Лионел Меси ќе го стигне Лотар Матеус по бројот на рекордни 25 мундијалски настапи.

- Аргентина никогаш не загубила полуфинале на Светското првенство.

- Хрватска има само еден пораз на последните 12 натпревари на Светско (5 победи, 6 нерешени).

- Хрватска беше успешна на осум од последните 10 натпревари во нокаут фазата на Светско.

- Пет од последните шест натпревари на Хрватска во нокаут фазата на Светско се играа во продолженија.

- Во меѓусебниот скор се израмнети и имаат по две победи, а еден меч завршил без победник.