Градски ќе крца, од Запад ќе грмат македонските навивачки групи, на Исток се гостите

Веројатно како никогаш до сега во историјата на репрезентативниот фудбал, се случи масовна и екстра брза распродажба на карти за натпревар на македонската фудбалска репрезентација. Отидоа сите за ТРИ дена.

Фудбалската федерација на Македонија денеска ја изненади македонската публика и ги шокираше тие што немаат купено карти, со соопштение и банер на кој стои:

МКД – КОС: SOLD OUT

Сигурно на многумина нема да им се верува и за наш начин на функционирање тоа е нетипично, но на дури 20 дена до стартот карти за Македонија – Косово повеќе нема. Тоа си го направи пред сè важноста на мечот, кој е историски и претпоследна пречка за деби настап на ЕП 2020 на Пандев, Елмас и компанија.

ФФМ им се заблагодари на македонските навивачи за поддршката, но не наведе во соопштението детали околу продадените карти кои ги пушти во продажба на 3 март, како и нивната распределба на гости. Затоа го контактиравме портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски.

„Западната трибина е наменета за навивачките групи кои организирано ќе ја бодрат македонската фудбалска репрезентација и за таа цел тие добија гратис влезници од ФФМ.

За навивачите на Косово обезбедивме околу 3.000 влезници кои ќе им бидат доделени преку Фудбалската федерација на Косово. Тие ќе бидат сместени на Исток, а меѓу нив ќе има два празни блокови како тампон зони, едната до север, другата до југ.

Јужна трибина е целосно распродадена, исто како и северна, но за северната трибина имаме многу барања за билети. Таму ќе бидат сместени претставници на македонската и косовската влада, клубови, поранешни и актуелни фудбалери, спонзори, институции“.

Андоновски ни изјави дека за обезбедувањето на мечот ќе биде задолжено исклучиво МВР, а за гостинските навивачи тоа ќе биде косовската полиција која ќе ги прати од граница до стадион.

Радиусот на движење за оние што се без карти ќе биде ист како за Супер Купот на Европа меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед.

ФФМ предупредува навивачите да не купуваат влезници на црно, бидејќи тие ќе бидат персонализирани, а македонската полиција на секој гледач со картата ќе му бара и документ за идентификација.

Македонската фудбалска репрезентација го игра долго најавуваниот полуфинален меч од Лига на нации со Косово на 26 март со почеток од 20:45.

Сè е ова супер што стадионот ќе крца и момците на Мрме ќе добијат поддршка како никогаш до сега, освен нели тоа короната да не заебе работа, па да си останеме сите дома пред телевизор.

На сајтот на ФФМ за ова прашање стои:

„Доколку нема било какво барање, препорака или евентуална забрана за присуство на гледачи од надлежните државни инстутуции поради корона вирусот, тогаш македонските фудбалери пред полн стадион ќе го одиграат натпреварот против Косово“.