Човекот што учеше од многу тренери, седна на клупата на Ипсвич и го внесе во Премиер

Тренерот на Ипсвич, Ирецот Киран Мекена направи чудо откако овој клуб прво го внесе од трета во втора лига, а сега и во елитната и богата Премиер лига. Ќе се мери со Гвардиола, Артета и најдобрите премиерлигашки тренери.

Роден во Северна Ирска, во округот Ферман, уште од мал прва љубов на Мекена му бил фудбалот. Во едно интервју се присети на своите први фудбалски чекори и како на осум години гледал натпревар од англиската Лига 2.

Неговата играчка кариера не била толку забележителна и завршила прерано, но за неговата тренерска кариера допрва ќе се зборува.

Киран Мекена направи право чудо со клубот кој цели 22 години сонува да заигра пак во Премиер лига. И го оствари сонот.

Прво по топката трчал во локалните клубови Енискилен Таун и Балинамалард Јунајтед. На 16 години скаутот на Тотенхем за Северна Ирска Гери Меки го приметил неговиот талент и Мекена оди во Лондон каде се приклучува на младинската школа на Тотенхем Хотспур.

Шест години бил во северен Лондон, играл за младинците а неколку пати тренирал и со првиот тим. Понатаму повредите го спречиле да заигра редовно во првата екипа, имал неколку операции и во 2009-та година докторите му соопштиле дека на 22 години ќе мора да ја прекине кариерата ако сака да го сочува своето здравје.

Решава да  се запише на Лафборо Универзитетот каде што студирал спортски науки. За време на студиите паралелно учел и тренерски занает и помагал во младинските категории на Лестер, Нотингем Форест и Тотенхем. Во САД бил два месеци како помошен тренер во клубот Ванкувер Вајткапс.

Во Тотенхем подоцна работел како главен аналитичар во академијата каде учел од Џон Мекдермонт.

Набрзо станал тренер на У-18 екипата и ги тренирал Кајл Вокер, Маркус Едвардс, Џон Оном и други таленти од школата на Спарс.

Киран Мекена во неколку наврати признал дека е голем навивач на Манчестер Јунајтед а успесите со младинците на Тотенхем го препорачале да го оствари својот сон - да отиде на „Олд Трафорд“.

Еднаш раскажал дека во 1994-та година татко  му го однел на неговиот прв меч во Премиер лига и се погодило тогаш Манчестер Јунајтед да го крене шампионскиот пехар.

Во 2016-та Киран Мекена станал тренер на У-18 на Манчестер Јунајтед а веќе во втора сезона на клупата на овој младински тим освоиле шампионска титула.

Овој успех придонел од клубот да го унапредат Мекена па кога Руи Фарија помошникот на Жозе Мурињо го напуштил стручниот штаб, Киран Мекена добил шанса да соработува со еден од најголемите тренери на сите времиња.

Подоцна Киран им бил помошник и на Оле Гунар Солскјер и на Ралф Рагник но сета сива ситуација во клубот не му дозволила да ги истакне своите квалитети.

ПРАВО ЧУДО ВО ИПСВИЧ

Ипсвич Таун е клуб од истокот на Англија, од областа Сафолк, основан во далечната 1878. година. Станале шампиони во 1962-ра со легендарниот тренер Алф Ремзи кој само една година претходно ги внел од втора лига. Освоиле и ФА Куп во 1978-ма а две години подоцна и го освоиле првиот европски трофеј во клупската историја. Во големо финале на Куп на УЕФА го победиле АЗ Алкмар во двомеч со вкупен резултат 5:4.

Но во последните неколку децении Ипсвич е далеку од тој славен клуб. Во 2002-ра испаднале од Премиер лига и цели 17 години биле во Чемпионшип.

Во април 2021-ва година клубот добил нови сопственици од САД. Во 2022-ра го поставиле Киран Мекена за тренер и никој не знаел во кој правец ќе се движи екипата.

Киран Мекена успеал од трета лига (Лига 1) да го внесе клубот во Чемпионшип. Завршиле на второ место со импресивни 98 бода, 101 постигнат гол, само 35 примени гола и само четири порази за цела сезона.

Ипсвич се вратил во Чемпионшип и следувало ново чудо. 37-годишниот тренер направил чудесен спој од играчи кој сезонава постигнаа 89 гола во Чемпионшип. Ипсвич во моментов на коло пред крајот има 96 бода, втор е на табела и обезбеди пласман во Премиер лига заедно со лидерот Лестер Сити.

Од следната сезона „Трактор бојси“ ќе играат против најголемите премиерлигаши и тоа е остварување на еден децениски сон после долго чекање.

5 мај 2024 - 10:43