Вакцините се како чадор? Како воздушни перничиња? Како кондоми?

За да се пренесе пораката за корисноста на вакцините политичарите, новинарите и медицинските лица мораат да бидат реторички опремени со метафори кои се јасни, „заразни“ и кои ќе го имаат посакуваниот ефект. Но дали тоа е воопшто можно, во кој и да е јазик?

Пред повеќе од една година пишувавме за проектот ReframeCovid, обид за замена на милитантната реторика во однос на вирусот со попродуктивен, таков кој наместо за „борба“ зборува за „патување“ или „авантура“. Во меѓувреме заглавени во потребата да се изнајдат доволно метафори се најдоа и оние кои зборуваат или пишуваат за вакцините.

За да се објаснат идеите поврзани за превенција на болести и целата имунологија која стои зад вакцините е потребно да се има барем минимум медицински познавања, но исто така да се располага со добар арсенал аналогии и метафори. Колку што тие се појасни и по „заразни“ толку побргу ќе се прошири идејата - за или против вакцинирање. Но за второто е доволно да се спомне ѓаволот и работата е завршена. Што е со позитивните метафори?

За нив има поголем број реални проблеми, доколку оној кој ги користи сака да биде и чесен но и да не остави реторичка „дупка“. На пример, како да се објасни дека вакцината штити како „средство за сончање“ кога ефикасноста на вакцината зависи меѓу другото од индивидуалните карактеристики на поединецот, во случајот со сончањето од тоа колку му е светла кожата, а во вториот од имунолошкиот одговор на организмот. Како да се објасни дека тој е „чадор“, а притоа да не се признае дека ако удри ураган (некоја моќна варијанта на вирусот) вакцините ќе бидат можеби исто толку немоќни колку и обичен пазарски чадор. Дали тие прават телата да се доволно силни како добро чувани средовековни тврдини? Па дури и таквите знаат да паднат.

Освен тоа, ниту сонцето, ниту дождот, ниту војната, не се заразни, барем не на истиот начин како што е вирусот. Можеби метафорите со преземање на лична заштита (ставање автомобилски појас, воздушно перниче, елек за спасување) би биле посоодветни. Од друга страна неставањето појас ретко влијае врз нечија туѓа судбина. Ако се инсистира на вакви метафори се одбегнува моментот на „сите сме заедно во ова“. Тоа со текот на времето се корегираше со споредбата на одбивањето вакцинација со пијано возење или пушење. Но ваквиот тип обвинувања го затвораат комуникацискиот канал - другата страна едноставно престанува да слуша ако на прва е оцрнета.

Можеби вакцините се повеќе како инсектициди, при што спречувањето на појава на инсекти на едно место спречува нивно ширење на друго. Или нешта кои спречуваат ширење пожар? Сепак, идеалната аналогија останува недофатлива поради една едноставна причина: ништо не е БАШ како вакцина. Тие, на ниво на население, овозможуваат релативно безбедно да се ко-егзистира со вирус. Кога функционираат, луѓето не ги ни забележуваат вакцините - дури и оние кои денес се антиваксери кога биле мали биле веројатно имунизирани од голем број болести. Така тие стануваат подобри од каква и да е превенција од пожар, сонце или дожд, инсектицид или воено оружје. Сите фигуративни споредби паѓаат во вода, а можеби токму тука е и причината за тешкотијата за да се пренесе еднозначна порака на која нема да можат да ѝ се најдат маани. 

Од домашните примери:

17 август 2021 - 09:34