Теофил Панчиќ: Клима-уредот е мојот 21 век

За некои од нас, децата на доцниот дваесети век, новиот милениум почна - или се најави некоја година претходно - со компјутерот, интернетот, мобилните телефони, со секакви виртуелности. Мене ми почна многу поскромно, но потемелно: со клима-уредот.

пишува: Теофил Панчиќ

Среде пекол лето, може беше 2000 или 2001, откако неотповикливо ми здосади битисувањето во перифериската мансарда да изгледа како постојан топлотен удар, дојдоа двајца во работнички комбинезони со лого на угледна фирма и вградија таканаречена клима на мојот балкон. Во зградата од четириесет станови, во не баш репрезентативен дел од градот, таму каде што преовладуваа оние кои скромните пензии ги стекнале по пропаднатите социјалистички претпријатија со одамна непостоечки асортиман и нејасна цел, мојата клима беше првата, и уште година-две веројатно единствената. Мајсторот советуваше надворешната единица да ја намести така за да не се гледа од улица. „Да не привлекува крадци“, рече; беа тоа веројатно последните лета во кои поседувањето клима беше нешто ретко и престижно, па некој можеше да се излаже и да помисли дека сопственикот на таков уред има пари и скапоцености.

Пнекогаш замислувам како би било сето тоа одеднаш да исчезне, како во некој ретроутописки филм: светот да се врати на фабричките поставки, а тоа за мене е светот од моето детство и младост, 70-тите и 80-тите години: стомаклијата ЕИ или телевизорите Чаевац со два-три канали, ФМ радио, касети и плочи, фиксен телефон „Искра“ и вечно зафатените линии со „двојници“. Долги, вжарени лета со испрекинато дишење во замрачена соба; врел и веќе по малку смрдлив воздух стои и те малтретира како да има нешто лично против тебе, Сонцето те гаѓа во глава од сите агли како да ја опколило Земјата, времето не се поместува и вечерната свежина не доаѓа, денот е бескрајна рапсодија на засјаена пот. Тегобно е, но сепак, не се секираш, донекаде затоа што тоа е нормално и не знаеш како би можело воопшто да биде поинаку (затоа што е лето, побогу!) а донекаде затоа што си млад и всушност ништо не ти паѓа тешко, иако за тоа тогаш уште не си свесен.

Замислувам, значи, како би го поднел исчезнувањето на сето она со што сум се опкружил во меѓувреме. Мислам дека недела дена би ми биле доволни да заборавам дека мобилните некогаш постоеле, и дека би се израдувал на одново пронајдената нормалност на секојдневието без идиотскиот примопредавник во џебот, чудејќи си се самиот на себе што толку долго сум се согласувал да го носам тој предмет кој ме држел на кратко синџирче на покорноста и таканаречената достапност. На интернет би заборавил, да речеме, за две недели; најдолго веројатно би траело враќањето од јутјуб мрзливоста кон светот на пуштање плочи (а што е со снимањето касети!), и тоа би било тоа. Брзо и не баш тешко, така барем сакам да верувам, би му се вратил на генерацискиот културно-технолошки бејзик, и не би жалел многу за „изгубеното“. Но исчезнувањето на климата која се нагодува со далечинско сосема би ме поразило: не сум веќе способен да ја поднесувам прекумерната природност на временските прилики. Особено не дома! Со природата и онака е најубаво да се биде на дистанца: дождот и снегот делуваат најромантично кога ги гледаш низ прозорец, сосе удобноста на сувата и топла соба. Otherwise се мокри и студени, лепливи и лизгави.

Секако, клима уредите се чеда на 20 век, во Америка веќе и мојата генерација главно не памти неразладени времиња, но кај нас не беше така: сè до доцните 90-ти или раниот 21 век, само фенси банките, битни институции, хотели, кафеа и други такви места беа навистина климатизирани - нашите куќи, станови и автомобили секако не беа.

Околностите се наместија така за овие вжештени, нечовечки јунски и јулски недели после дваесет години, или прв пат во новиот век, да ги минам без исправна клима во станот, изложен на брахијалната сила на вжарената ѕвезда која нема милост. Вентилацијата која мрзеливо го превртува врелиот воздух не помага многу, проветрувањето дури и помалку затоа што се сведува на развратно поместување на врелината по ходниците и собите, па се вовлекувам во себе (но и таму е претопло, јеби га!), настојувам да трошам што помалку енергија и над сè да не се нервирам, обидувајќи се да го повикам она чувствување на светот од некогаш, од времето кога ми беше сосема нормално тоа што од летната вруќина не може да се избега никаде, а особено не во град, во стан, во моето единствено природно опкружување. Се плашам дека сепак некаде исчезнало: климата е мојот 21 век, и од тоа нема враќање.

А ако некој знам добар мајстор кој би дошол ВЕДНАШ да монтира нова клима, нека и се јави на редакцијата. Не прашувам за цена! Брмчењето и дувањето на моќната машина полна фреон, тоа е она уживање кое ги овозможува сите други. После можам и да вклучам грамофон, да слушаме плочи кои толку убаво крцкаат во разладена соба, дискретно eманирајќи го оној прекрасен cool на 20 век...

17 јули 2021 - 09:39