Нова серија за Лидија Поет, првата жена-адвокат во Италија

На 15 февруари на Нетфликс премиерно беше прикажана серијата во шест епизоди, „Законот според Лидија Поет“, историска драма базирана на вистинска биографија на првата италијанска адвокатка, чие мото е: „Ако Бог сакал да бидеш адвокат, немало да те направи жена“. 

Родена во 1855 во северо-западна Италија, Лидија Поет уште како мала добила добро образование. Нејзиниот татко, правник, планирал наследник во професијата да му биде синот, но никако не и ќерката. Таа сепак го завршила Правниот факултет во Торино и следните две години вршела форензичка практика. Како што бил редот, го поминала и адвокатскиот испит пред Адвокатската комора на градот, чии членови (сите мажи) во мнозинство гласале „за“. 

Ваквиот родов преседан сепак не му се допаднал на јавниот обвинител, кој вложил жалба до Апелациониот суд. И покрај сите аргументи на Линда, како и примери на жени-адвокати од други земји од тоа време (како Клара Ш. Фолц), судот донел одлука дека издадената адвокатска лиценца на сињорина Поет била незаконска.

Ова не само што предизвикало гнев кај самата Лидија, туку покренала и жестока јавна дебата. Притоа 25 италијански весници ја поддржувале а само три биле против. Најголеми противници на целата идеја секако биле самите правници и адвокати, кои сметале дека нејзините квалификации се „недоволни“ и дека нејзината „улога како жена“ не е да биде законски застапник на престапници и криминалци. Во серијата дури се спомнува и облеката - дека со својата шминка и „кинџурење“ жените само би ја осквернавиле адвокатската тога. Иронично, но дипломската на Поет се однесувала токму на жените во општеството и нивното право да гласаат. 

И таа го добила правото што го заслужувала, да биде адвокат, но дури во 1920, кога со промени во законот на жените им било дозволено да извршуваат некои од јавните функции. Но до тогаш таа веќе имала 65. Никогаш не се омажила, а починала на 94, во приморскиот град Дијано Марина. 

И покрај тоа што содржи и голем број фиктивни елементи, серијата базирана на нејзиниот живот e добра комбинација на биографија, криминалистичка приказна и мистерија - Поет, како Холмс, низ епизодите се обидува да разреши случаи од кои останатите креваат раце. Во главната улога е Матилда де Анџелис, италијанска ѕвезда во подем.

21 февруари 2023 - 17:52