Вол стрит ви препорачува да одите на ФИНКИ, не на Економски

Советот од инвеститорите за годинешните матуранти е дека треба да се решат за технолошки смер, наместо за финансии. За децата што денес се во градинка инвеститорите немаат баш најведри прогнози околу нивното вработување во која било од овие две индустрии, исклучиво заради растот на вештачката интелигенција.

И покрај масовните отпуштања во Мета, Амазон и Алфабет, анкета на 678 инвеститори покажува дека и понатаму за американската индустрија најпобарувани се кандидатите со ИТ образование.

„Најдобро платените работни места во изминативе две или три децении беа во финансискиот сектор, а сега технолошкиот сектор е вистински конкурентен, па се рамо до рамо,“ објаснува заменик претседателот за човечки ресурси на консултантската компанија ЦГЦ, Ендру Челенџер.

Процените на Челенџер се дека дури и со подемот на Вештачката интелигенција, овие две индустрии ќе останат најпривлечни во следните 20 до 30 години.

Од 556 професионални инвеститори, 52% изјавиле дека технологијата е правилен смер за средношколците. Од 122 индивидуални инвеститори, 48% гласале за технологија.

Бројките од анкетата се поддржани од актуелните трендови за вработување, па добар дел од оние кои беа избркани од технолошката индустрија на крај завршија во традиционалната индустрија (од производители на автомобили до државна администрација) влегувајќи на празните места кои со години не можеа да бидат задоволувачки пополнети.

„Инвеститорите имаат поинакви препораки за деца кои годинава завршуваат градинка. Речиси 40% од испитаниците изјавиле дека на тие деца најдобро ќе им биде да фатат кариера во здравство.

Работните места во здравството често пати вклучуваат интеракција меѓу луѓе, кои многумина веруваат дека вештачката интелигенција нема да може целосно да ја замени,“ пишува Блумберг.

Неодамнешен извештај на Голдман Сакс проценува дека автоматизацијата со вештачка интелигенција ќе влијае на околу 300 милиони работни места на светско ниво.

„Демографските трендови исто така се на страна на процената дека избирање на професија како доктор или сестра ќе биде паметен избор за најмладата генерација: економистите предвидуваат масовна побарувачка за здравствени работници како што американската и светската популација се повеќе старее,“ објаснуваат од Блумберг.

Од анкетираните инвеститори само 12% изјавиле дека финансии ќе бидат најдобрата опција за кариера за денешните деца во градинка, додека и покрај развојот на Вештачката интелигенција 30% изјавиле дека Силициумската долина ќе биде најдобриот избор на кариера за најмладата генерација.

17 април 2023 - 12:52