Економскиот раст се сврте против животот

Бескрајниот раст е мечта на економистите, бизнисмените и политичарите. На него се гледа како на мерка за напредок. Сепак, економскиот раст во себе ја крие сиромаштијата која ја создава преку уништувањето на природата, што прави заедниците да немаат капацитет да се грижат за самите себеси.

Концептот на раст е промовиран како мерка за мобилизирање ресурси во текот на Втората светска војна. БДП е базиран на создавање вештачка и фиктивна граница, претпоставувајќи дека ако го произведувате она што го трошите, вие не произведувате. Всушност „растот" се состои во конверзија на природата во кеш и на заедничките добра во производи.

Оттаму, восхитувачките природни циклуси на обнова на вода и храна се дефинирани како непроизводство. Селаните од светот, кои обезбедуваат 72% од храната -  не произведуваат: жените кои работат на село или ја вршат домашната работа, и тие не се вклопуваат во оваа парадигма. Една жива шума не придонесува кон растот, но кога дрвјата ќе се исечат и ќе се продадат, тогаш имаме раст. Здравите општества и заедници не придонесуваат кон растот, но болеста тоа го прави, преку, на пример, продажбата на патентирани лекови.

Водата е заедничко добро, заштитена од сите, која обезбедува живот за сите. Но, не создава раст. Кога пак Кока-кола ќе направи фабрика, ќе почне да ја користи водата и да ја полни во пластични шишиња, тогаш економијата расте. Но овој раст е базиран на создавање сиромаштија - и за природата и за локалните заедници. Водата која се црпи преку природниот капацитет за обновување, создава глад по вода. Жените се присилени да пешачат подолго во потрага по неа. Во селото Плачимада во Керала (Индија), кога потрагата по вода достигнала 10км, локалните жени рекле - доста е. На крај нивниот бунт довел до затворање на фабриката за Кока-кола.

На истиот начин, еволуцијата ни дарила семиња. Селаните ги имаат селектирано, одгледувано, развивано, и тоа е основа за производството на храна. Едно семе кое се обновува и мултиплицира произведува семиња за следната сезона, исто како и храна. Сепак, овие семиња, одгледувани од фармерите, не се сметаат за придонес кон растот. Семето создава и обновува живот, но не води до профит. Растот започнува кога семињата се модифицирани, патентирани и генетички заклучени, со тоа терајќи ги фармерите да купуваат сè повеќе и повеќе од нив секоја сезона.

Природата е осиромашена, биодиверзитетот е еродиран и еден слободен, отворен ресурс се трансформира во патентиран производ. Купувањето семиња секоја година е рецепт за долг на индијските сиромашни селани. И откако се формирани семенските монополи, нивниот долг има пораснато. Повеќе од 270,000 фармери фатени во должничка стапица во Индија имаат извршено самоубиство од 1995.

Побарувањата на современиот модел на економија водат кон војни за ресурси - за нафта, вода и храна. Има три нивоа на насилство кое го подразбира неодржливиот развој. Првиот е насилството над земјата, кое е изразено како еколошка криза. Второто е насилството против луѓето, кое е изразено како сиромаштија, беда и раселување. Третото е насилството на војната и конфликтот, кога моќните посегнуваат кон ресурсите кои лежат кај други заедници и земји за да ги задоволат нивните бескрајни апетити.

Зголемувањето на протокот на пари преку БДП веќе не е поврзан со реална вредност, туку оние кои акумулираат финансиски ресурси на тој начин ставаат рака врз реалните ресурси на луѓето - нивната земја и вода, нивните шуми и семиња. Оваа жед води кон војна за последната капка вода и последната стапка земја на планетата. Ова не е крај на сиромаштијата. Ова е крај на човечките права и на правичноста.

И Нобеловецот Џозеф Штиглиц и Амартја Сен имаат признато дека БДП не ја отсликува човечката состојба, и потикнуваат создавање различни алатки за проценка на благосостојбата на нациите. Ова е причината зошто Бутан ја има прифатено „Бруто националната среќа" на местото на БДП. Треба да создадеме мерки кон немаат врска со БДП, и економии вон глобалниот суперпазар, за да го обновиме реалното богатство. Треба да запомниме дека реалната вредност на животот е самиот живот.

Авторка: Вандана Шива

8 ноември 2013 - 11:23