Диверзификацијата ја пумпа универзитетската бирократија

На Беркли постојат преку 170 службеници чија главна задача е да смислуваат кампањи, да пишуваат упатства за говорење и облекување и да oрганизираат обуки и тренинзи за диверзификација, светиот грал на новата религија. На друг универзитет, барем 40% од вработените бирократи се вишок. Да ги нема, школарината за студентите би била поевтина. Ама, ги има.  

Американските универзитети ги зголемуваат трошоците за вработени лица надлежни за диверзификација. На пример, на Универзитетот во Калифорнија, Беркли, бројот на бирократи за различности има пораснато на околу 175, дури и во време кога државното финансирање на универзитетот е намалено.

Што прават таквите? Промовираат вработување на етнички малцинства и жени, започнуваат кампањи за промовирање на дијалогот, пишуваат стратешки планови за зголемување на еднаквоста и вклученоста во кампусот, издаваат упатства за избегнување сексистички јазик, неприфатливи текстови, несоодветна облека, фризури...

Некои од нив се богато платени: шефот за диверзификација на Универзитетот во Мичиген заработува 385.000 долари годишно.

Последните години има огромен пораст во медиумското покривање на вистинската или наводната запоставеност на малцинствата и жените во американските кампуси. Се покрива сè што ќе се случи на таа тема. На пример, црни студенти се жалеле дека кога професор им дава комплимент на часовите, ним тоа им изгледало како професорот да е изненаден што црнците можат да бидат интелигентни (?). 

Секакви глупости, ама сега тие ги викаат „микроагресии“. Некои универзитети налагаат обуки за различности, или само за прекршителите или за секого. Студија на 669 унивeрзитети покажа дека во една третина, тренинзите за диверзификација се задолжителни.

Универзитетите велат дека бумот на регулативите од времето на  администрацијата на Барак Обама ја зголеми потребата за вработување бирократи од секаков вид. Една студија покажа дека за секој долар потрошен за усогласување со владините правила, доброволното трошење на ставката „бирократија“ изнесува 2 долари на државните и 3 долари на приватните универзитети.

Коавтор на студијата вели дека вистинската причина за растот на трошоците е што администраторите сакаат да вработуваат подредени, а со тоа да го зајакнат сопствениот авторитет.

Универзитетските бирократи денес се побројни од образовниот кадар 2:1 на државните универзитети и 2,5:1 на приватните колеџи.

Тоа е двојно поголема разлика од соодносот кој важел во 1970-тите.

Според анализата на еден тинк-тенк, од над 1.000 бирократи на Универзитетот во Охајо, 400 се излишни. Доколку би ги немало, школарината би можела да се намали за една петтина.

28 февруари 2024 - 10:40