Прецедниче, алал да ви е

Во деновите по изборната победа против Хилари, Марк Закерберг лично му се јавува на Трамп за да му честита на него и на неговата кампања на победата, која потроши милиони долари на рекламирање на Фејсбук. Базфид објавува дека приватниот разговор е „само еден од серијата приватна поддршка на вработени на Фејсбук за начинот на кој кампањата на Трамп ја употребува платформата.“

Иако Фејсбук никогаш јавно не објавува колку Трамп бил успешен во искористување на социјалната мрежа за да стигне до гласачите, неговата кампања во рамките на компанијата е славена како „една од најкреативните употреби на рекламирањето на платформата.“

Освен разговори со вработени во компанијата и во кампањата на Трамп, Базфид доаѓа и до официјални презентации и меморандуми на Фејсбук „кои покажуваат дека социјалната мрежа ја смета кампањата на Трамп како ’иноватор’ во брзо движечкиот, ориентиран кон тестови маркетинг пристап на Фејсбук.“

„Овие меморандуми и презентации покажуваат дека Фејсбук ги собрал методите што ги научил во кампањата на Трамп за дополнително да го рафинира маркетинг моделот наречен ’Тестирај, научи, адаптирај се’ (ТЛА), кој моментално го користи за оценување на сопствениот адвертајзинг,“ објавува Базфид.

Белешките на Фејсбук покажуваат дека кампањата на Трамп успеала да го „приклони кон себе гласачкото расположение преку Фејсбук реклами благодарејќи на рапидно тестирање“. Лекциите од ова тие моментално ги користат за сопствената кампања за смирување на нервозата на корисниците околу приватноста на Фејсбук и ширењето на дезинформации.

„Реалноста е дека Фејсбук нè обожуваше за време на кампањата. Нивниот тим сериозно беше вклучен во целата работа затоа што тоа беше одлично искуство за нив, а тимот на Хилари не правеше ништо посебно,“ изјавува директорот на кампањата на Трамп за дигитален маркетинг, Гери Коби.

Од Фејсбук немаат коментар за телефонските разговори и честитките што се разменувале, а што се однесува до поддршката за кампањата на Трамп објаснуваат дека таа била на исто ниво како и поддршката што му била дадена на тимот на Хилари, притоа нагласувајќи дека вон техничката поддршка за сервисите што ги нудат „кампањите сами одлучуваат како ќе ги користат алатките што им се на располагање.“

Во април годинава Блумберг објави дека Хилари од јуни до ноември 2016 потрошила 28 милиони долари на околу 66.000 различни реклами. За истиот период Трамп потрошил 44 милиони на 5,9 милиони различни (или верзии) на реклами.