Пара на пара оди, и тоа ти е

Браќата Винкелвос се двајца баксузи на кои Марк Зукерберг во основа им ја краде идејата за Фејсбук. Исто така, од пред некој ден тие се и првите биткоин милијардери во светот, и тоа баш со парите што ги ќарија од Зукерберг.

По основа на крадење на идејата за социјалната мрежа и слично, браќата Винкелвос од Фејсбук добија отштета од 65 милиони долари, од кои 11 милиони во 2013 ги инвестираа во биткоин. Ова е едно од најголемите парчиња од биткоин што некој го поседува и денес на него отпаѓа 1% од вкупната вредност на криптовалутата.

Откако минатата недела цената на еден биткоин порасна на 11.100 долари, вредноста на биткоин богатството на Винкелвос се искачи на 1 милијарда долари. Според Верџ ова е над 10.000% повеќе отколку нивната првична инвестиција во криптовалутата, кога еден биткоин се продава по цена 120 долари.

Двајцата се познати по тоа што во ноември 2003-та го најмуваат нивниот соученик од Харвард, Марк Зукерберг да работи на нивниот сајт за поврзување на студентите од Универзитетот, пра-пра верзијата на Фејсбук. Откако го најмуваат, му го објаснуваат целиот концепт и како го замислуваат функционирањето на сајтот. Неполни два месеца подоцна, на 12-ти јануари 2004, Зукерберг го регистрира домејнот thefacebook.com.

4 декември 2017 - 16:53