Канада ќе казнува онлајн омраза со доживотен затвор

За намалување на ширењето омраза и однесување со омраза канадската влада ќе ја зголеми казната за онлајн омраза од пет години до доживотен затвор за поддржување на геноцид.

Во законот содржини со омраза се дефинираат содржини кои поттикнуваат насилство, побудуваат омраза, поттикнуваат насилен екстремизам или тероризам, се користат на малтретирање деца, сексуално малтретираат деца, поттикнуваат деца да се повредуваат самите себе или интимни содржини пренесени без согласност.

Властите објаснуваат дека главна цел на законот е да се заштитат малолетници од онлајн сексуална злоупотреба, изнудување и искористување.

Законот предвидува казни и за онлајн платформите и сервисите на кои ќе се појават недозволените содржини, кои ќе изнесуваат 6% од глобалните приходи или 10 милиони долари, што и да е повисоко.

На страна добронамерноста на законот во заштита на децата, тој е критикуван во останатиот дел околу ширењето омраза која според критичарите е премногу општо дефинирана како „секој тип на говор кој е веројатно да изложи човек или луѓе на омраза или презир.“

Вака општата дефиниција се толкува како можност за владата да цензурира какви било спорни мислења или мислења кои не одат по нејзина линија.

„Што подразбира Џастин Трудо кога зборува за говор на омраза? Тој подразбира говор што тој го мрази. Можете да претпоставите дека тој ќе го забрани сето тоа,“ обвинува канадскиот опозициски лидер Пиер Полиевр.

Ова е втор обид на владата на Трудо да го воведе овој закон откако неговата првична верзија во 2021 беше повлечена кратко време по објавувањето. И тогаш критиките беа дека законот ја нарушува слободата на изразување и дека социјалните мрежи се охрабрени да блокираат и бришат сосема прифатливи содржини.

14 март 2024 - 11:12