Во Србија „пукна“ пирамидалната шема со лајкови

Грејпфрут медиа е апликација која масовно се рашири низ Србија и Црна гора, а доаѓаше со едно фантастично ветување за заработување пари од лајкање, кое не бараше ништо од вас само една скромна почетна инвестиција од неколку стотици евра. Од пред некој ден апликацијата ја снема.

Апликацијата по дизајн бара од тебе да одбереш кој пакет ќе го користиш, да уплатиш за него, па после тоа да почнеш со „работа“. Кој пакет ти е уплатен таква ќе ти биде и исплатата.

Работата е лајкање на клипови на Јутјуб и други социјални мрежи, а во зависност од активноста за возврат можеш да заработиш и до сто евра дневно.

Грејпфрут медиа освен од членарината парите ги прави и од продавање на лајкови на најразличните социјални мрежи.

Од средата апликацијата е комплетно неактивна, не е познато дали е блокирана на смартфоните или луѓето зад неа решиле да ги соберат парите и да ги снема.

Околу апликацијата ги има следните приказни:

„Еден другар ме вмрежи, а јас вложив 300 долари и веќе за 15 дена на мојата сметка имав заработено 450 долари.

Одма се позајмив и вложив уште 1.000 долари, бидејќи колку е поголем влогот толку е поголема заработката. Но денес на сметката немам ни долар,“ изјавил за српските медиуми соговорникот од Нови Пазар.

По гасењето во приказната ќе се вклучат и истражните органи кои сега ќе откриваат кој стои зад измамата.

13 мај 2022 - 12:38