Горан Бреговиќ: Татко ми и јас

Мислам дека татковците не се неопходни во животот; не се знае за што точно служат. Дури кога ќе умре, вие всушност почнувате да ја проверувате вашата врска со него. Колку што стареам, толку повеќе личам на татко ми. Кога се пензионираше, се врати во своето село. Првите пет-шест години не сакаше да стави ни струја ни вода.

Пораснав во дом трауматизиран од алкохол. Јас не пијам. Единственото место каде што пијам е на сцената... Мислам дека татковците не се неопходни во животот; не се знае за што точно служат... Денеска го разбирам тоа малку подобро. Во моето воспитување татко ми беше невидлив, но со самиот факт што беше присутен, мораше да биде некаков модел.

За жал, беше алкохоличар, заради што се разведоа со мама. Така пропадна една огромна љубов. Јас имав десет години, мојот помал брат имаше пет... Кога ќе умре мајката, тоа е катастрофа. Затоа што таа е некој што го сакате секој ден. Таткото никогаш на тој начин не ви ги доверува своите чувства. И дури кога ќе умре, вие всушност почнувате да ја проверувате вашата врска со него. Колку стареам, толку повеќе личам на татко ми...

Кога се пензионираше, татко ми се врати во своето село, Свети Петар Чврстец. Првите пет-шест години не сакаше да стави струја во куќата. Ни вода.

Кога ќе дојдеш кај него, треба да се разговара бидејќи нема ТВ. Патем, тој беше единствениот во тоа село што им се придружи на партизаните; останатите отишле во домобрани. Мајка ми секогаш го зафркаваше дека се приклучил на партизаните затоа што таму имало подобри женски. Селскиот поп на зафрканција му викаше да не го напушта селото, да остане и да умре таму, оти на гробиштата немаат партизани.

Неговата куќа беше малку надвор од селото, во шумичката. Се сеќавам, еднаш, враќајќи се од турнеја, свратив кај него; не можев да се најавам бидејќи немаше телефон. Веќе беше стемнето. Отидов и ѕирнав низ прозорецот. Татоседеше на масата со пуштен транзистор и пееше. Сам. Песната оди, а тој ги фаќа оние селски кварти и квинти.

Некогаш со тие негови сељаци свиреше на виолина... Често се мислам така за себе. Можам да се замислам... Кога размислувам за татко ми, посакувам да умрам како него. Замина среќен, лесно. И му ја исполни желбата на селскиот поп... Во тоа свое село. Свети Петар Чврстец кај Крижевци.

Горан Бреговиќ

3 септември 2023 - 10:37