Топло - ладно игра на Вардар и пораз од Порто

Македонскиот ракометен првак со пораз ја стартуваше Лигата на шампионите во 2021-ва, вкупно трет сезонава. Бадијала беа 15-те интервенции на Борко и 9-те гола на Дибиров. Вардар сам си пресуди.

Вардарци се поразени од Порто со 27:24 во егал натпревар на кој клучни беа грешките во напад. Ги имаше многу и на двете страни, особено во првиот дел, но сепак Црвено-црните имаа повеќе и потклекнаа во клучните мигови кога се кршеше мечот.

Момците на Стефче Алушевски мечот го отворија со одлична предност од 1:5 во 7-та минута, искористувајќи ја дезориентација на домаќинот кој почна лошо. Но Португалците полека се враќаа во ритам и до прво водство стигнаа во 25-та минута.

Второто полувреме почна обратно од првото. Вардар шест минути беше без постигнат гол, а Порто од тоа профитираше со водство од +4 гола разлика.

Домаќините немаа шанси да се одлепат резултатски бидејќи расположен на голот беше Борко Ристовски кој го одржуваше тимот во живот, но неговите одбрани не беа наградени.

Мечот влезе во неизвесна завршница, а Чупиќ на 2 минути до крај при негатива од -2 избрза и се обиде од гол на гол да го пронајде Калараш кој се втрча во контра. Топката заврши во гол аут, а домаќините во финишот зголемија на +3.

Борко Ристовски ја доби “македонската пресметка“ против Никола Митревски со 15:8 во одбрани, но џабе кога Вардар треба многу да работи и во напад и во одбрана. Одлична партија пружи Дибиров со 9 гола, а Јотиќ реализираше 4, исто колку и дебитантот Шеваљевиќ кој дојде од Црна Гора.

На 9 февруари Вардар му гостува на Раул Гонзалес во Париз.

4 февруари 2021 - 22:33