Бомбастичното издание на Њокас кој експлодираше во Јане Сандански со 8 од 8

РК Вардар ја врати публиката и насмевките во сала, откако славеше убедлива и сигурна победа против Мешков Брест во Лига на шампиони. Францускиот ветеран Кевин Њокас ја запали вардаровата армија.

Пред само четири месеци заедно со брат му близнак беше претставен како ново засилување во Металург, а синоќа решеташе за Вардар во Лига на шампиони.

Кевин Њокас за 10 дена стаж во Вардар, ги собра симпатиите на навивачите со импресивна партија против Мешков Брест, од 8 гола од исто толку обиди.

Францускиот бек дебитираше на минатиот меч против Елверум со 3 погодоци, колку што постигна брат му Оливие и тогаш и синоќа, а на вториот настап ги растури гостите од Белорусија.

И покрај тоа што Кевин Њокас има 35 години, делува многу подвижен и еластичен, а со оваа партија ветува дека ќе биде од голема корист во црвено црниот табор.

Нивната преселба од Металург во Вардар се случи експресно брзо откако неочекувано од Скопје си замина Едуардо Гурбиндо.

Кевин е десен, а Оливие лев бек. Кариерата ја почнаа во ПСЖ, а потекнуваат од школата на Монтгерон. Кевин претходно три години играше за Бенфика, за францускиот тим Кретеј и за бундеслигашите Гелинген и Гумерсбах.

За Франција има постигнато 57 голови на 41 меч, а има освоено и два златни медали од ЕП 2014 и СП 2015.

Оливие лани беше член на Нант, а за својата земја има 32 настапи, 69 голови, злато од Мундијалот 2017 и сребро од Олимпијадата 2016-та.

23 септември 2021 - 13:33