Ангеловски: Како што ветив пред јавноста, националниот интерес го ставив пред личниот

Управниот одбор на ФФМ го потврди новиот договор со селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски кој сосема заслужено ќе ја води на дебитантското Европско првенство.

Раководството на ФФМ и селекторот Игор Ангеловски ги усогласија ставовите околу новиот договор и досегашниот предводник ќе биде на селекторското место на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство 2020. кое ќе се одигра во јуни оваа година, соопштуваат од ФФМ.

„Благодарност до претседателот на федерацијата и Управниот одбор за довербата. Не се сомневам дека репрезентацијата, како и досега, ќе ги има најдобрите услови за работа. 

Ќе го вложам сиот свој потенцијал да возвратиме со добри игри и да ја продолжиме успешната резултатска низа. Како што ветив и пред јавноста, сѐ она што ми беше понудено во форма на договор го прифатив, а националниот го ставив пред личниот интерес. Благодарност до капитенот, фудбалерите од репрезентацијата и јавноста за поддршката. 

Верувам дека сите заедно и сложно повторно ќе се радуваме на големи победи, а овој пат ќе славиме сите заедно низ улиците на нашиот град и нашата држава, изјави Ангеловски. 

За сега нема детали околу новиот договор на Мрме. Некои македонски портали пишуваат дека Македонија ќе ја води уште шест месечи, а дека месечната плата му останува 7.500 евра.

„Со Игор лесно се договоривме за сите детали околу продолжување на соработката бидејќи и кај него и кај нас владееше позитивно расположение успехот што го направивме да го продолжиме заедно. 

Селекторот со својот стручен штаб во одлична атмосфера сега треба да се подготвуваат за квалификациите за Светското првенство и Европскиот шампионат. Сите ние посакуваме да нѐ поведат кон нови успеси. Верувам дека Македонија ќе го покаже вистинското лице и праќам апел до целата нација и сите навивачи да бидеме сложни и да покажеме единство. 

Пласманот на Европското првенство е сон за секое дете, а фудбалерите сега имаат исклучителен мотив за нови победи. Сега треба да помогнеме сите, на било кој начин, а потоа ќе зборуваме за нашиот пласман на ЕУРО 2020 и колку тоа значи за иднината на македонскиот фудбал, рече Сејдини.

14 јануари 2021 - 15:59