Пародија на „50 нијанси" од која течат лиги

Врзана кокошка просо сонува

Уште една варијанта на „50 нијанси" која ќе ве испровоцира, возбуди и ќе направи да ви потечат лиги. Внимание: има голотија, и има врзување.

Откако се изнагледавме пародии на еротскиот бестселер мислевме дека веќе ништо на оваа тема не може да нè допре. Но..

Книгата рецепти "50 Shades of Chicken" ја прикажува врската помеѓу готвачот и неговата кокошка, при што под последново не се мисли на девојка со IQ под 140.

„Рецептите и насловите следат емоционално патување кое е многу слично на она во оригиналната трилогија. Започнува со арогантен шеф и тврдоглава кокошка, но како што тече книгата тие почнуваат да се потчукнуваат и да се врзуваат едни за други како сродни души. Во секое од овие јадења има по малку Кристијан и по малку Анастасија Стил." - изјавил авторот, Ф.Л. Фоулер, очигледно под псевдоним. Рецептите вклучуваат „Кокошка тепкана со сенф" и „Крилца од кои тече".

Книгата ќе излезе на 13. ноември, таман за Денот на благодарноста и пред Нова година. Сè што ви треба како подготовка се куп кокошки и доволно јажиња. За останатото - луѓе сте, ќе се договорите.

10 ноември 2012 - 09:19