Советската снајперистка испратена да ги убеди Американците да учествуваат во Втората светска војна

Људмила Павличенко пристигнала во Вашингтон на крајот на 1942, а пред новинарите застанала со својот преведувач, облечена во советска воена униформа. Не зборувала англиски, но нејзината мисија била очигледна. Како високо одликуван офицер во Црвената армија, таа дошла од името на советската Висока команда за да измоли поддршка за нов фронт во Европа.

Кога Јозеф Сталин ја испратил другарката Људмила Павличенко во САД, ѝ дал само една задача - да ги убеди западните сојузници да навлезат на европскиот континент, да отворат нов фронт и да ги принудат Германците да ги поделат своите сили со што би се намалил притисокот врз советските трупи.

Павличенко го посетила претседателот Франклин Рузвелт, така станувајќи прва советска граѓанка која била пречекана во Белата куќа. Потоа, Еленор Рузвелт ја замолила офицерката со потекло од Украина да ја придружува на турнеја низ земјата, и на Американките да им ги пренесе своите искуства како жена-војник. Во тоа време Павличенко имала само 25 години, но веќе неколку пати била ранета во битка. Истовремено била најуспешната и најозлогласената жена-снајперист во историјата, со 309 потврдени убивања, главно германски војници.

Павличенко веднаш ја прифатила понудата на сопругата на претседателот. Ги поднесувала и најглупавите прашања од медиумите, како кога некој американски новинар ја прашал дали е дозволено жените во советската војска да носат шминка. Само неколку месеци претходно таа ќе загинела при опсадата на Севастопол, која траела осум месеци. „Нема правило против тоа“, одговорила смирено, „но кој има време да мисли на напудрен нос среде битка?“

Њујорк Тајмс ја нарекол „девојката-снајперист“ а други весници забележале дека „нема многу стил во својата маслинеста униформа“. Ваквите коментари почнале да ја нервираат, особено кога еден новинар искоментирал дека долгата сукња прави да изгледа „дебела“, а и не е чудно бидејќи јадела „пет јадења за појадок“.

Набргу ѝ збоктисало и таа почнала да коментира дека на американските жени изгледа им е многу поважно дали носат свиелна долна облека под униформите. „Што навистина значи да се бориш за татковината, тоа допрва треба да го научат“. Иако остри, нејзините говори предизвикувале внимание. Жените ги слушале приказните за нејзината младост, за ужасниот ефект на германската инвазија врз нејзината татковина. Така таа била еден од елементите што довел до учеството на САД во војната.

Особено влијателно било времето кое го поминувала со Еленор Рузвелт која ѝ давала безрезервна поддршка и ја штитела од банални прашања, такви за лак за нокти и витлери. Во Чикаго обете застанале пред голема толпа, кога Павличенко изјавила: „Имам 25 години и имам убиено 309 фашисти. Нели мислите, господа, дека предолго се криете зад мојот грб?“ Нејзините зборови најпрвин им го запреле здивот на присутните а потоа се слушнал громогласен аплауз.
Вуди Гатри напишал и песна „Госпоѓица Павличенко“.

По војната таа го завршила образованието на Универзитетот во Киев и станала историчарка. Во 1957, 15 години откако патувала со Еленор Рузвелт, поранешната прва aмериканска дама дошла во Москва. Поради Студената војна, советите ја ограничувале и ја следеле насекаде. Но Еленор инсистирала на едно нешто - да ја посети старата пријателка. Ја нашла како живее во двособен стан, каде воделе студен разговор во дневната. Но по некое време Павличенко со изговор ја повлекла во спалната и обете се изгушкале, со шепот велејќи колку се среќни што се гледаат.