Мушичарско подземје: големата кражба на пердуви од Британскиот природонаучен музеј

Млад американски музичар, со хоби мушичарење. Британски музеј со скапоцена колекција птичји пердуви. И аматерски - но сепак успешен - обид таа да биде украдена и делумно продадена.

Во 2018 излезе книга под наслов „Крадецот на пердуви“ на Кирк Валас Џонсон, делумно природонаучна, делумно детективска, но базирана на вистинска кражба, која се случила една ноќ во 2009.

Едвин Рист, тогаш 20-годишен Американец, иако аматер кога станувало збор за провали и кражби, успева да влезе во Британскиот природонаучен музеј, односно во неговата збирка на егзотични птици која се смета за најголема на светот. Ја полни торбата со 300 од најретките и најскапоцените од нив и - „одлетува“.

Тој бил талентиран флејтист кој во тој момент учел на Кралската музичка академија. Но освен со музиката се занимавал и со едно необично хоби, правење „мушички“ за рибарење, конкретно за фаќање лососи. Мушичарењето му станало опсесија - колку поегзотични и поубави пердуви за мамка, толку поголема слава и пари кои можеле да се заработат со нивна продажба. Расфрлани низ светот, оние кои се занимавале со оваа вештина се собирале на ClassicFlyTying.com, опскурен онлајн форум каде споделувале совети, купувале и продавале пердуви и одржувале годишни натпревари за најдобра мамка.

Пред одлучувачката ноќ Едвин го посетил музејот, каде вработен го внел во збирката која содржела повеќе од 750.000 птици и нивни делови. Тој ѝ фрлил пик на збирката на Алфред Расел Валас, големиот англиски биолог кој независно дошол до сознанија за теоријата на еволуцијата и природната селекција, но сепак останал во сенка на својот многу помоќен колега, Дарвин. Почнувајќи од 1854 тој поминал осум години на Малајскиот архипелаг (сега Малезија и Индонезија), вршејќи набљудувања и трагајќи по најбараното суштество од тоа време - рајската птица, која во негова чест е наречена Semioptera wallacii. Кога ја напуштил земјата го осиромашил тамошниот екосистем за повеќе од 125.000 примероци, меѓу кои пеперутки, инсекти и препарирани птици. Голем дел од она што го собрал бил продадено на музеи и приватни колекционери, а делот со птиците останал во спомнатиот Природно-научен музеј во Тринг, во близина на Лондон. 

Сето ова Едвин многу добро го знаел, бидејќи од рана возраст се интересирал за изработка на мушички, до тој степен што уште како тинејџер за таа цел почнал да купува пердуви од скапоцени птици онлајн. Сепак, не бил од богато семејство, па на наддавањата секогаш се наоѓал некој возрасен и побогат кој му ги собирал најубавите примероци пред нос. Неговиот интерес за мушичарењето бил од креативна и од комерцијална природа - со парите заработени на овој начин сакал да си купи златна флејта.

Кражбата успеал да ја изврши со речиси никаква опрема. По пат го загубил дури и секачот за стакло, па морал да користи најобичен камен. За влегувањето, пакувањето на птиците и излегувањето му биле потребни речиси три часа, долг период во кој никој не го забележал неговото присуство во музејот. А што е уште почудно, кражбата не ја регистрирала ни полицијата откако била повикана следниот ден поради скршеното стакло, бидејќи таа не ја проверила колекцијата на Валас, туку - иронично - само онаа на Дарвин, како поскапоцена. Дека птиците ги нема вработените сфатиле многу подоцна, кога некој посетител (а такви очигледно немало многу) побарал да ги види.

Откако им ги симнал оригиналните ознаки, Рист почнал да ги продава онлајн, на луѓе од тн. „пердувско подземје“ - опсесивни мушичари кои, патем, најчесто самите не рибарат, ниту пак имаат намера своите скапоцени креации да му ги дадат некому да ги фрла во вода. Уште поголема иронија е што лососот не може да разликува помеѓу некаков спектакуларен пердув и најобично топче влакна. Ова било и еден од аргументите на Рист, дека целата работа всушност била мотивирана од уметнички интерес, а дека Тринг и онака е „мувлосана дупка“. Обвинет е за кражба и трговија со музејски предмети, но никогаш не одлежал затвор. Неговиот адвокат успеал да докаже дека има Аспергеров синдром и дека целата работа била само „џејмсбондовска фантазија“. До денес некои од птиците не се пронајдени.

Откако добил само една година условно, Рист дипломирал на музичката академија, се преселил во Германија и под името Едвин Рајнхарт сега снима видеа со хеви-метал и филмска музика изведени на флејта, за која додуша не знаеме дали е златна. 

20 март 2023 - 18:20