Режисерот на „Паразит“

„Кореја изгледа гламурозно, но младите во неа се очајни“

Бонг Џун Хо го опишува својот филм за класните разлики како „неутрален“. А себеси се гледа пред сè како сценарист, кој едвај чека да помине целата ука-бука околку Оскарите, за да може да почне да работи на нов проект.

Го гледавме во живо на доделувањето на Оскарите, кога откако го доби оној за оригинално сценарио и, очекувано, за најдобар странски филм, некако се опушти во столчето со мисла дека до крајот на вечерта ќе биде раат. Но следеа Оскарот за најдобра режија, па дури и оној за најдобар филм. „Паразит“ на крај си замина дома со вкупно шест Оскари, меѓу кои и оние за најдобар продукциски дизајн и монтажа.

За сето тоа време Бонг Џун Хо изгледаше не само прилично спокојно, туку дури и како да му е „едно незгодно“, особено со оглед на фактот дека во категоријата режија соперници му беа еден Скорсезе или Тарантино. Кога „Паразит“ ја доби Златната палма во Кан, тој го прекина 8-минутниот стоечки аплауз затоа што „бил гладен“, а церемонијата на Оскарите ја има опишано како нешто не многу битно, „не меѓународен фестивал, туку повеќе локална забава“.

Локална или не, таа сега ќе му донесе голема слава, и во и вон неговата земја, Јужна Кореја. За неа тој вели дека на површината изгледа многу богата и гламурозна, со К-поп, брз интернет и ај-ти технологија, но дека јазот помеѓу богатите и сиромашните се зголемува. „Особено младата генерација чувствува длабок очај“, изјави тој во интервју за Гардијан на крајот на јануари. Голем број луѓе се на „слепите агли“ на општеството, невидливи, без дом.

Сепак, според него „Паразит“ не е едноставна приказна за богатите наспроти сиромашните. Никој не е ни сосема невин ни сосема виновен, па оттаму тој го опишува својот филм како „неутрален“. Укажува на тоа дека г-дин Парк, кого го споредува со Марк Цукерберг, сепак се здобил со богаство преку чесна и тешка работа. Но тој и неговото семејство често го изразуваат својот презир кон пониските класи, дури жалејќи се на нивниот различен мирис. Сиромашното семејство Ким, пак, не е ни мрзливо ни нечесно, туку едноставно е ставено во тешка животна ситуација. Сцената во филмот каде се спомнува дека 500 дипломирани студенти аплицирале за едно единствено чуварско место не е измислена, туку се базира на статија која ја прочитал режисерот.

Што се однесува до него, тој вели дека не е богат, и дека живее во стан на девети спрат кој е голем отприлика колку една четвртина од куќата во филмот. Неговиот општествен статус како режисер не е висок, но после Оскарите ова може и да се промени. Тој сега дефинитивно изби пред своите колеги кои во раните 2000-ти станаа дел од интересен нов бран на јужнокорејски филм (Парк Чан-вук, Ким Ки-дук и др.), често пати мрачен, но технички перфектен, со јасни влијанија на Холивуд. Сепак, вели дека себеси се гледа пред се како сценарист, и на оваа работа очекува да ѝ се врати колку што е можно побргу.

12 февруари 2020 - 20:59