Изложба чии организатори се музејските чувари

Каква одлична идеја! Па кој подолго и повеќе мора да гледа во закачените слики и изложените дела ако не оние кои истите ги чуваат? Балтиморскиот музеј на уметност сега им нуди да се пробаат и како куратори. 

На 27 март во Музејот на уметноста во Балтимор ќе се отвори изложба „Чувајќи ја уметноста“, чии куратори се оние задолжени за безбедноста на уметничките дела во музејот, односно чуварите. 

На поставувањето на изложбата претходела обука - чуварите работеле со различните музејски оддели, научиле што значи да се конципира и организира ваков настан, и што е најважно, за ова им бил платен додаток. Сега сите велат дека освен што многу научиле, супер си поминале. 

Келен Џонсон, на пример, е чувар во БМА цели девет години. Тој истовремено студира пеење на Универзитетот Тоусон во Мериленд. Работи во музејот за да може да си ги плати трошоците на студирањето. Секој од чуварите можел да бира што ќе вклучи во изложбата од музејските депоа. Келен одбрал дело на Хејл Вудраф од 1928, под наслов „Пејзаж во Нормандија“ (горе) и вака го објаснува изборот: „Се запрашав, ако овие слики би можеле да пеат, како би звучеле“. Оваа му звучела како Моцарт, и го поттикнала да замисли како чекори долж алеја со дрвја на мрачен ден.

БМА има 45 чувари. 17 од нив аплицирале за проектот и одбрале дела кои датираат од шестиот век пред нашата ера, преку француска железна „тропалка“ за врата од 1925, до протестни слики направени во 2021. Сите имале различно образование и претходни професии, некои од нив пишувале поезија, работеле во бар, шетале кучиња, исчувале 9 внучиња или служеле во војска.

Тема која е присутна во повеќето одбрани дела е промената. И во смисла на содржина (промена на подобро, протест, револуција) но и во смисла на тоа дека голем број од делата ретко или никогаш претходно не биле изложени во музејот. 

Целиот проект бил големо освежување за вработените, кои понекогаш уморни од своите дневни обврски престануваат да ја ценат уметноста која им е пред очи. Овие чувари ги потсетиле на важноста и убавината на сето тоа. 

извор

12 март 2022 - 10:04