Како еден наш омилен медиум ни стана бљак

Во првите години на овој сајт, американското јавно радио НПР, заедно со Салон, Атлантик, Ролинг Стоун... ни беа еден од најчесто користените извори на информации. Денес, ретко и да ги отвораме. Во меѓувреме се случи Трамп, пандемијата, диверзитетот... и многу нешта се променија во медиумските профили. Уреднички ветеран во НПР ни потврдува дека не сме биле сами и не без врска сме се оладиле од тој медиум.

„За време на поголемиот дел од моето време во НПР, преовладуваше слободоумна, љубопитна култура. Бевме нердови, но не бевме патетични, не бевме активисти или кавгаџии.

Последниве години тоа се промени. Денес, оние што го слушаат NPR или го читаат на интернет, наоѓаат нешто друго: дестилиран светоглед на многу мал дел од населението на САД...

Како и многу други несреќни работи, подемот на „новинарската адвокатура“ почна со Доналд Трамп. Како и во други редакции, неговиот избор во 2016 година, во НПР беше дочекан со мешавина од неверување, гнев и очај... Но, она што започна како жестоко следење на претседателот кој е скаран со вистината, се претвори во напори да се собори Трамп или барем да му се наштети.

Упорното повторување на гласините за неговите руски врски станаа дрога за нашето новинарство во НПР. Но, кога извештајот на Милер не најде веродостојни докази за тоа, покривањето на НПР одеднаш се стиша а Русијагејт тивко ја снема од нашата програма. 

Едно е да утнеш голема приказна, но, за жал, тоа се случува. Следите погрешни насоки, ве заведуваат извори на кои им верувате, емоционално сте вложени во наратив и делчиња од посредни докази кои никогаш не докажуваат. Но, уште полошо е да се преправате дека тоа никогаш не се случило, да продолжите понатаму без меа кулпа, без да го промислите сето тоа. Тоа е она што ја урива довербата и предизвикува цинизам кон медиумите.

Не е тоа единствената грешка на НПР.

Лаптопот на Хантер Бајден беше ВЕСТ . Но, новинарскиот инстинкт да се следи жешка вест беше здробен. За време на состанокот на колегиумот, еден од најдобрите и најправедните новинари на НПР рече дека е добро што не ја следиме приказната за лаптопот бидејќи тоа може да му помогне на Трамп.

Во текот на пандемијата, голем број истражувачки новинари објавија убедливи приказни за протекување на вирусот од лабораторија. Но, во НПР не сакавме да ги видиме, во желба да ја поддржуваме приказната за природното потекло.

Нашиот нов директор ни соопшти дека диверзитетот - на вработените и на нашата публика - е главната мисија... Расата и идентитетот станаа најважни во речиси секој аспект на работното место. Од новинарите се бараше да ги прашаат сите што ги интервјуиравме за нивната раса, пол и етничка припадност (меѓу другите прашања), и тие податоци мораше да се внесат во централизиран систем за следење. Ни се држеа обуки за диверзитет и несвесна пристрасност. Добивме милионски грант за таквите иницијативи.

Постои непишан консензус кои приказни треба да ги следиме и како тие да бидат врамени. Тоа се една по друга приказни за наводен расизам, трансфобија, знаци на климатска апокалипса, Израел прави нешто лошо, страшни закани од републиканската политика. Тоа е речиси како комплетче.

Овој начин го окупираше и јазикот. Во документот наречен NPR Transgender Coverage Guidance - дистрибуиран од менаџментот на вести - од нас се бара да го избегнеме терминот „биолошки пол“. Оттука, се зафативме со бизарни приказни - за тоа како Битлси или имиња на некои птици се расно проблематични, се оправдуваше грабежот по продавници со тврдења дека стравот од криминал е расистички; се сугерираше дека азиските Американци кои се против позитивна дискриминација се изманипулирани од белите конзервативци.

Ова, меѓу другото го напиша НПР ветеранот Ури Берлинер во текстот “25години сум во НПР: Еве како ја изгубивме довербата на Америка,“ порачувајќи дека најголема штета за развојот на настаните во неговата куќа е што после толку пари и енергија потрошени за диверзитет, медиумот заврши со кусок диверзитет во различни погледи на светот и настаните.

Toj потсети дека во 2011 година, публиката на НПР била воедначена: 26% конзервативци, 23% центар, 37% либерали. Денес сликата е комплетно поинаква: само 11% с еконзерватицци, 21% центар и 67% либерали.

„Не ги губиме само конзервативците, ги губиме и умерените и традиционалните либерали,“ заклучува уредникот.

Што бидна после ова?

Трамп ликуваше бидејќи тоа е она што тој со години го тврди, па ќе напише:

Нема веќе пари за НПР! Тие се комплетна превара! Нивен уредник призна дека меѓу себе немаат републиканци а единствена цел им е да му наштетат на Трамп!

НПР прво го суспендираше Берлинер, а подоцна тој даде оставка.

19 април 2024 - 14:45