Валканата тајна на американското бедзомништво

Во Лос Анџелес годишно умираат повеќе луѓе отколку што своевремено загинаа во Хирошима. Меинстрим наративот е дека бездомништвото е резултат на сиромаштијата, но не е. Таа се намалува а бездомништвото се зголемува. Огромен дел од оние кои се на улица се со тешка зависност или нетретирана ментална болест. Состојбата ја влошија невладините кои ги бранеа на најлош можен начин.

Многу застапници на бездомници велат дека проблемот се влошува затоа што не постојат доволно домови, а сиромаштијата се зголемува. Но, ниту едното не е точно. Сиромаштијата постојано се намалува од 1980-тите, кога бездомништвото првпат стана прашање на јавен интерес.

Многу малку луѓе се на улица само затоа што не можат да си ја дозволат киријата.

Огромни се доказите дека мнозинството луѓе на улица се таму поради нетретирана ментална болест или зависност, што ги тера луѓето да ги трошат парите за својата навика за дрога и да бидат „напукани“, наместо да работат.

Луѓето кои не можат да си дозволат кирија, но се способни за работа и не се во канџите на зависност или нетретирана ментална болест, наоѓаат поевтино место за живеење или живеат со семејството и пријателите.

Вистина е дека нема доволно шелтери, социјални работници, групни домови и психијатриски болници за грижа за бездомниците. Но, добар дел од причината за тоа е што застапниците за бездомниците веќе 40 години бараа средствата за справување со бездомниците да одат во давање на луѓето приватни станови наместо да градат доволно засолништа. Тие го нарекуваат ова „Прво домување“, а неговите резултати се очајни.

Малкумина остануваат таму, а многумина умираат затоа што не се третира причината за проблемот, зависноста и нелекуваната ментална болест, туку симптомите. Студиите откриваат дека градовите кои даваат приоритет на базично засолниште пред скапите станови, трикратно  ја намалуваат смртта на бездомниците.

И така, во Лос Анџелес, бездомниците умираат со стапка три пати поголема од Њујорк, бидејќи живеењето во шелтер ги штити луѓето од убиства, предозирање со дрога и сообраќајки.

За дополнително да се влошат работите, бранителите на бездомниците се спротивставија на проширувањето на психијатриските болници и на задолжителната нега воопшто, затоа што веруваат дека е полошо да се наложи хоспитализација на луѓето кои се опасно психотични или манични отколку да се остават на улица.

Но, не е. Лани 112.000 Американци починаа од предозирање и труење со лекови бидејќи не успеавме да им наложиме третман. Двајца од моите пријатели од средно школо сè уште ќе беа живи денес доколку им наложивме да се лекуваат од зависност наместо да ги оставаме да умрат.

Она што се случува со бездомништвото е неуспех до неуспех. Бројот на смртни случаи од дрога се зголеми за петпати од 20.000 во 2022 година на 112.000 минатата година. Годишно умираат повеќе луѓе отколку што умреа во Хирошима.

Домувањето не е основен проблем на бездомништвото. Тоа е проблем на овозможување на зависности и нелекувани ментални болести. Двете работи ги наведуваат луѓето да се откажат од работата, да лажат, крадат, да ги изневеруваат своите семејства и пријатели и да живеат на улица, каде што сe вртат кон ситен криминал за да ги алиментираат своите наркомански навики.

Бездомништвото се влоши затоа што ние го овозможивме и субвенциониравме, наместо да финансираме третмани и закрепнување. Никој не ги субвенционираше бездомниците повеќе од Калифорнија, Вашингтон и Орегон. И токму во тие држави бездомништвото најмногу се влоши. Зошто?

Групите за бездомници веруваат дека е посурово да се наложува грижа отколку да се остават луѓето да умираат на улица. Но, и зад ова има идеологија. Тоа е идејата дека луѓето кои страдаат од зависност и ментални болести се жртви на општеството или системот, кои се фундаментално зло. И, според нивната логика, за да се врати правдата во светот, на жртвите мора да им дадеме што сакаат, вклучително и право да кампуваат каде било и да користат тешки дроги, дури и ако тоа резултира со нивна смрт. Ова може да го наречете „патолошки алтруизам“.

Помислете на ликот на Кети Бејтс во „Мизерија“. Или на мајката која го труе своето дете за да има болен за кој ќе се грижи, како во „Шесто сетило“. Не е случајно што истите луѓе кои веруваат во ова, исто така, мислат дека цивилизацијата е зла и треба да биде заменета со нешто слично на примитивниот анархизам, како оној што го романтизираа интелектуалците уште од Русо.

Алтернативата на оваа дистопија е љубов, но строга љубов. На луѓето треба да им ја пружиме грижата што им е потребна, не е преку овозможување зависности и криминал, туку со спроведување закони и задолжителна грижа, како алтернатива на затворот. Не е доволно да се прави она што многу републиканци сакаат да го прават, а тоа е да се спроведуваат законите и едноставно да се ре- криминализираат кражбите во продавници и тешките дроги.

Тоа да се направи, јасно е. Но, државите мора да имаат и работници за грижа, групни домови и психијатриски болници за да има алтернатива за затворот, да можат да им обезбедат на луѓето специјализирана нега каде што е достапна, што нема да биде едноставно во многу од малите градови.

Мајкл Шаленбергер

29 април 2024 - 20:52