Ред се реди за ирански дронови

Највисоки ирански воени извори споделуваат (и се фалат) дека 22 држави од целиот свет веќе имаат испратено барање до нив за купување на ирански воени дронови. Меѓу нив и некои наши комшии.

Главниот ирански советник за воени работи, генерал-мајор Рахим Сафави открива дека меѓу заинтересираните се и држави како Србија, Ерменија, Алжир, Таџикистан и Венецуела.

Ден пред изјавата на Сафави, израелските медиуми објавија дека во Украина се забележани иранските камикази дронови Шахид-136, кои според нив претставуваат закана за украинските одбранбени системи.

Иран и понатаму негира дека и продал дронови на Русија, иако администрацијата на Бајден за ова обвини уште во септември. Исто во септември првиот човек на иранската воена авијација, генерал Хамид Вахиди, изјави дека Иран постигнал целосна самодоволност во производството на дронови.

Во мај годинава, висок ирански воен функционер ја отвори иранската фабрика за производство на Абабил-2 воени дронови во главниот град на Таџикистан. Ова е модел на високо прецизен дрон кој обемно се користи од јеменските бунтовници за напади на нафтени полиња и аеродроми во Саудиска Арабија.

21 октомври 2022 - 10:00