Америка ја проширува дефиницијата што е антисемитизам

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес усвои закон со кој се проширува дефиницијата за тоа што е антисемитизам, кој пак е федерално кривично дело и повлекува сериозни казни. Ова се носи како обид да се зауздаат про-палестинските протести во американските универзити, но критичарите предупредуваат дека е погубно и критиката на државата Израел да се смета за антисемитизам. 

Предлог законот, усвоен со 320-91 гласа и двопартиска поддршка, ја прифаќа и кодифицира дефиницијата за антисемитизам на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот.

Доколку помине и во Сенатот и потпишан влезе во сила, законот ќе ја прошири правната дефиниција на антисемитизмот за да го вклучи „таргетирањето на државата Израел, зачната од еврејската заедница“.

„Говор кој е критички настроен кон Израел не е никаква дискриминација“, се спротивстави конгресменот Џери Надлер.

Застапниците на предлогот велат дека тој ќе обезбеди многу потребна и конзистентна рамка за справување со дискриминацијата и вознемирувањето на еврејските студенти.

Проширената дефиниција за антисемитизам првпат беше усвоена во 2016 година од Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот, но претходните двопартиски напори да се кодифицира во закон не успеаја.

Според извештаите во американските медиуми, озаконувањето на проширената дефиниција ќе ѝ овозможи на оваа и сите наредни администрации да го ограничат финансирањето и другите ресурси на кампусите за кои ќе биде оценето дека толерираат антисемитизам.

Оваа дефиниција, исто така, забранува каква било споредба помеѓу „современата израелска политика“ и „онаа на нацистите“.

Современата израелска политика во последните седум месеци уби околу 35.000 луѓе во Газа од кои огромен број се деца.

2 мај 2024 - 10:47