Струја ги мавна Норвежаните што возат електрично

Осло толку драстично го поскапе полнењето на електрични возила на градските полначи, што сега тоа може да биде и двојно поскапо отколку полнење резервоар со фосилно гориво. Штета, бидејќи електричните возила за првпат станаа попопуларни и меѓу норвешката сиромаштија, ако постои таква. 

Градските власти на Осло речиси тројно ја покачија цената на полнењето на електричните автомобили на градските полначи (денски и до 284 денари на часза нормално полнење) по што националната асоцијација за електрични автомобили соопшти дека веќе не може да препорачува купување електричен автомобил. 

„Во некои случаи, испаѓа двојно поскапо да наполниш електрично возило одошто да наполниш резервоар со бензин или дизел“, вели генералната секретарка, Кристина Бу. 

По бурните реакции, градските власти кај кои доминираат (хехе) Зелените, ретерираа околу цената но ги одбија критиките на нивна адреса, велејќи дека е глупаво таква организација да обесхрабрува купување електрична кола.

Потсетуваат дека струјата се субвенционира од државата. 

Вистина е дека субвенциите на чистата енергија со години беа политички приоритет во Норвешка, и на државно и на локално ниво. Своевремено, сопствениците на електрични возила не плаќаа никакви патарини, траект, можеа да ги користат лентите за јавен транспорт и такси, а и паркирањето и полнењето беше бесплатно. 

Бидна тоа.

Многу бенефиции се скусени или укинати, а најбитните даночни повластици полека исчезнуваат од ставките во државниот буџет. 

Струјниот удар за возачите на електрични коли доаѓа кога тие се во полн налет: во ноември бил срушен рекордот на продажба на вакви модели, кои чинат дури 81,6% од вкупната продажба на возила. За првпат, електричните возила ги претицаа стандардните коли и кај луѓето со ниски примања. 

22 декември 2022 - 16:49