НАСА бара доброволци да се преправаат дека се на Марс

Ако имате чувство дека бар на година дена би побегнале каде било од оваа македонска бучава, чемер и ништавило, а притоа имате ограничувања во вид на пасош, пари или слично, можеби понудата на НАСА ќе ви се види примамлива. За жал, не го бараат она што е полесно, луѓето да се  прават дека се паднати од Марс, туку баш дека се таму, во нивното симулирано парче планета.

Вселенската агенција бара четворица волонтери кои ќе поминат една година живеејќи на Марс - поточно во  3Д-отпечатена реплика на дел од Црвената планета.

Изолацијата е загарантирана.

Овој потфат во вселенскиот центар Џонсон во Хјустон, е дел од програмата на НАСА, Chapea (crew health and performance exploration analog), која е дизајнирана да помогне во развојот и проценката на системите што ќе ги користат првата генерација астронаути при посетата на Марс, мисија амбициозно планирана после 2030-тата година.

Волонтерите ќе живеат во живеалиште од 1.700 квадратни метри наречено Марс Дина Алфа, кое ќе ги симулира предизвиците на мисијата на Марс, „вклучувајќи ограничени ресурси, дефекти на опремата, доцнење во комуникацијата и други стресови“.

Лажниот екипаж ќе презема симулирани вселенски прошетки, роботски операции, одржување на живеалиштата и одгледување земјоделски култури во компјутерски генерираната реконструкција на површината на Марс.

„Апликантите треба да имаат силна желба за уникатни авантури и интерес да придонесат во работата на НАСА за подготовки за првото човечко патување до Марс“, велат од агенцијата.

Ќе имало парична компензација за волонтерите, ама не кажуваат колку.

Таман да заклучиме дека не сме ние за тоа, случајно налетавме на пар слики од овдешната реалност...

... и фативме да ја пополнуваме апликацијата.

20 февруари 2024 - 19:34