Австралија: Задолжителноста на вакцините била незаконска

Врховниот суд во Квинсленд пресуди дека задолжителноста на ковид вакцините, наметната од локалната полиција и здравствените власти била незаконска. Ова се смета за историски важна одлука на Врховниот суд а донесена е затоа што при воведувањето на задолжителноста, не се водело сметка за кршењето на граѓанските права.

Судијата Глен Мартин од Врховниот суд во Квинсленд утврди дека упатствата на полицискиот комесар за задолжителна ковид вакцинација, издадени во декември 2021 година, се незаконски и го кршат Законот за човекови права.

Упатствата и наредбите на таа тема се ставаат вон сила и се прекинуваат сите дисциплински постапки кои произлегуваат од нив.

Судијата смета дека полицискиот комесар „не ги земал предвид последиците по човековите права“ пред да ја издаде директивата за вакцинација на работните места. Тој и и генералниот директор за здравство во Квинсленд се казнети поради нивната нефлексибилност во спроведувањето на директивите за вакцинација и се сугерира дека нивните постапки не биле соодветно поткрепени со докази.

Се очекува ваквата одлука на Врховниот суд да покрене лавина тужби за поединечни случаи од времето на пандемијата. 

Австралискиот бизнисмен и основач на партијата Обединета Австралија, Клајв Палмер, со 3 милиони долари покрива тужби во кои се вклучени 74 полицајци, цивилен персонал и болничари.

„Оваа одлука ќе ги принуди идните работодавци и владини службеници задолжително да ги земат предвид човековите права при спроведување упатства во иднина, барем во Квинсленд каде што постои Закон за човекови права што ги обврзувана тоа“, вели адвокатот за човекови права, Питер Фам.

1 март 2024 - 10:02