Естонија го зголеми извозот на нафта во Саудиска Арабија

Не, ниту еден дел од насловот не е погрешен. Да, Естонија извезува преработена нафта во Саудиска Арабија. Не, Естонија нема ниту една единствена рафинерија која би ја преработила нафтата.

Естонија во јуни испорачала повеќе обработена нафта (мазут) на најголемиот извозник на сурова нафта во светот, отколку што има во кој било месец во изминатите неколку години.

Бидејќи Естонија сама од себе нема капацитет да испорача ни кантичка преработена нафта, затоа што нема рафинерии, Блумберг проценува дека пратките најверојатно потекнуваат од Русија, и стигнале во Естонија по железница.

Во првите 5 месеци од 2022 Естонија има увезено 8 милиони барели мазут, од кои речиси сите доаѓаат од Русија, и потоа ги има ре-извезено.

Што е до естонското министерство за економија, увозот на гориво од Русија според законите на ЕУ е дозволено до декември, па тие немаат што повеќе да коментираат.

Во мај и јуни Саудијците имаат увезено три пратки естонски мазут. Иако се најголем извозник, Саудијците ја купуваат преработената нафта за најразлични енергетски потреби низ земјата, што им ослободува сирова нафта за да ја извезуваат на странските пазари.

17 јуни 2022 - 09:52