Бајката за шампионот од крајниот север - норвешкиот Лестер кој направи чудо

За првпат во историјата на Норвешка, шампион стана Буде Глимт, најсеверниот првак на светот, основан во далечната 1916-та а кој пред 2 години беше второлигаш.

Денес најпознати имиња од норвешкиот фудбал се Ерлинг Холанд, Мартин Едегор, Оле Гунар Солскјер. Постарите се сеќаваат и на Торе Андре Фло. Од клубовите најчесто сме слушале за Розенборг (Русенборг на норвешки) или Молде.

Но што знаеме за Буде Глимт?

Овој клуб е основан во 1916-та и до неделата вечер, во 104 години постоење освоил само 2 трофеи: во Купот на Норвешка (1975 и 1993). Во неделата вечер за првпат станаа шампиони: на убедлив начин, со еден куп голови, на 5 кола пред крај ја освоија титулата.

Буде е необичен град во истоимениот реон, на крајниот север од Норвешка, на околу 1.200 километри од Осло (16 часа пат). На последниот попис од 2018-та имал 41.215 жители. Од неделата вечер овој град се гордее со својот фудбалски шампион.

СИМПАТИЧЕН СТАДИОН СО ПРЕКРАСНИ ПЕЈЗАЖИ

„Аспмира“ е стадионот на кој игра клубот кој сезонава се натпреварува во Лига Европа и одигра супер меч со италијански Милан (само пар дена после овој натпревар кој заврши 3:2 во Милано, Италијанците не прашувале колку чини бисерот Јенс Хауге кој ги импресионираше и брзо го купија од Норвежаните). Стадионот има капацитет од 5.635 гледачи, поседува и модерен покрив кој ги покрива сите седишта.

Поради глобалната пандемија, стадионите долго време беа затворени и во Норвешка, но пред пар месеци ги отворија со ограничен капацитет. Во меѓувреме навивачите на Буде Глимт не можеле да оддолеат да не го гледаат својот клуб кој на спектакуларен начин со по најмалку 2 гола по натпревар во просек стигна до титулата.

Неколку пати сезонава група навивачи се качувала преку пожарникарски скали до самиот кров од каде ги гледале „жолти-црните“. Поради тоа клубот бил казнет од фудбалската федерација на Норвешка, а не е првпат навивачи да се пентарат на кровот (пред неколку месеци изнајмиле градежен кран и го кренале на највисоко за да во време на пандемија, уживаат во фудбал).

НЕВЕРОЈАТНА ПОБЕДНИЧКА СЕРИЈА

После 25 одиграни меча, на 5 кола пред крајот Буде Глимт има 22 победи, 2 нерешени и само 1 пораз. Постигнаа 85 гола, примија само 28 и веќе урнаа неколку рекорди. Сега го ловат оној историскиот, на Молде од 2014-та кога освои титула со 71 освоен бод.

На 5 кола пред крајот Буде Глимт го брка и рекордот на Розенборг од 1997 година кога освоил титула со 87 постигнати голови. На новиот норвешки шампион му фалат 4 гола за да го урнат рекордот. Притоа Во 1995-та Розенборг станал шампион со најголема бодовна предност од 15 бода. Глимт во моментов има 18 бода повеќе од Молде.

Сезонава на шест меча постигнаа по 6 или повеќе гола. Најголема победа им е против Алесунд 7-0 пред почетокот на репрезентативната пауза.

И покрај буџетот скромен дури и за норвешки фудбал, „жолто-црните“ живеат златен период. Подемот на фудбалскиот клуб Буде Глимт го освои не само градот и регионот, туку и целата земја.

Фроде Томасен е извршен директор на клубот. Неодамна рекол дека нивна желба е за успехот на Буде да се слушне не само во секое ќоше на Норвешка, туку и надвор од земјата. За ова говори и зголемената гледаност на нивните натпревари сезонава.

Улрик Салтнес е легенда и капитен на клубот. Тој вели дека немало ден а да не му се јават за интервју откако Буде Глимт направи чудо.

Поранешниот фудбалер на клубот а сега тренер во академијата, Орјан Берг исто раскажал дека многу луѓе му честитале на големиот успех. Семејството Берг за Буде Глимт е нешто како што се Малдини за Милан.

Годинава и внук му Патрик (22), кој игра за Буде, дебитирал за Норвешка. Харалд Берг е татко на Орјан, а дедо на Патрик. Харалд во 1975-та година му го донел на Буде Глимт првиот пехар во клупската историја: трофеј во Купот.

Северниот регион на Норвешка до 1971 година немал свој претставник во најдобрата лига затоа што властите сметале дека тој реон не е доволно компетитивен.

„Мислеа дека сме многу примитивни овде. Но ние бевме директни. Зборуваме на свој јазик и не сме примитивни. Тие (Осло) имаа обичај да издаваат станови кои „не беа за луѓе од северот“. Бевме навредувани. Мислеа дека сме само фармери, селани, рибари, а некои уште мислат дека сме само тоа“, вели спортскиот директор на клубот Орјан Берг.

ИДЕАЛЕН АУТСАЈДЕР КАКО ЛЕСТЕР ВО ПРЕМИЕР ЛИГА

Во разни периоди фудбалот пишува преубави приказни за права романтика. Шампионската титула која ја освои Лестер ден-денес буди убави спомени. Или Исланд кој блескаше на Евро 2016 и други.

Ваквите стории се реткост, секоја е уникатна сама по себе но во некој момент имаат заеднички црти. Харизматичен тренер, таленти од домашна школа, убав фудбал за око, група играчи подредена на една цел.

„Ние се стремиме кон тоа, дури 40% од нашиот тим да биде составен од играчи од северот на Норвешка, а 15% да има и од самиот град. Тоа е дел од нашиот идентитет, навивачите сакаат да играме локален фудбал“, вели Орјан Берг, тренер во академијата на Буде, задолжен да праќа таленти во прв тим.

Буде Глимт како второлигаш се пласираше во првата лига во 2017/2018, а веќе во 2019-та заврши како втор, како вицешампион зад првакот Молде.

Она што не им успеа лани, им успеа сезонава каде играат уште и во Лига Европа. Покрај капитенот Салтнес, главни играчи во тимот се уште и стоперот Бреде Мое и фудбалерот од среден ред Патрик Берг. Сите тројца, заедно со Хауге кој веќе со голем успех игра за Милан се родени во градот Буде. Домашни играчи.

Интересно, голем удел во шампионската титула има и Бјорн Мансверк, поранешен воен пилот кој служел на две мисии во Авганистан и Либија и кој во 2017-та година станал психолог на екипата, задолжен за ментална снага на играчите. 

Следни кои би можеле да тргнат по патот на Хауге се Данците Филуип Цинкернагел и Каспер Јункер, носители на играта на екипата.

Но навивачите на Буде не треба да се плашат дека ако се разбудат од зимскиот сон, екипата ќе остане без играчи. Напротив.

„Многу млади играчи сега сакаат да бидат дел од овој колектив. 2020-та беше фантастично патешествие за нас, но ништо не завршува годинава. Треба да продолжиме да се развиваме а титулата е само прв чекор кон големата иднина. Треба да се убедиме себеси дека и следната година ќе ја освоиме шампионската титула“, вели Фроде Томасен, извршен директор на клубот Буде Глимт.

23 ноември 2020 - 16:45