Offside

Само Интер и Милан имаат математички обезбеден пласман во ЛШ, каде за брзо време би требало да им се приклучат Јуве и Болоња. За петтото место викендов ќе се игра директен дуел. Постои сценарио и со шести италијански претставник.

Абе вратете се, ништо не е готово уште

Во петокот вечер холандскиот второлигаш Рода со 2-0 го совладала Камбур и навивачите мислеле дека е готово, обезбеден е пласманот во прва лига. Ама третопласираниот Гронинген израмнил 1-1 во 90+5’ минута на гости кај Телстар и ги искомплицирал работите за Рода. Навивачите џабе втрчале во терен и славеле.

Семки, кикирики, ладни сокови

Колку беа убави времињата кога на Јужна ќе помине неуморниот лик со плетена корпа полна семки, кикирики, грицки, печени јаболки... Како овој цар со студени пијалаци на стадионот на Серо Портењо во Парагвај.

Мајка си е мајка

Во првиот натпревар од 34. коло во шпанска Ла Лига, Хетафе го пречека Атлетик Билбао. Во Шпанија бил ден на мајката, па домашните фудбалери во таа чест излегле рака под рака со своите мајки, сопруги или жени кои имаат сезонски карти. На крајот гостите од Баскија славеа 0-2 со два гола на Ињаки Вилијамс на асистенции на неговиот брат Нико Вилијамс. Атлетик Билбао играше со двајца играчи помалку по црвените картони на стоперите Јерај Алварез во 58’ минута и Аитор Паредес во 79’ минута.

Ете го, конечно го најдоа фамозниот арапски коментатор кој урла

Кога голем дел од видеата со голови се блокирани поради авторски права на ФИФА и УЕФА, се наоѓа по некое видео со арапски коментатор кој веќе стана славен со неговите дерења.

Познато на што се кладел Сандро Тонали како играч на Њукасл, доби нова казна

Италијанскиот репрезентативец кој е привремено отстранет од репрезентацијата и од Њукасл поради големиот обложувачки скандал, доби нова казна од англиската фудбалска асоцијација (ФА).

Турканици во Истанбул по поразот на Фенербахче од Монако

Фенербахче имаше можност да ја заврши серијата со Монако, водеше 2-1 и со евентуален триумф на домашен паркет ќе обезбедеше пласман на големиот Фајнал Фор. Но гостите од Кнежевството славеа 62:65 и ја вратија серијата кај нив во Монако. По крајот на мечот додека бело-црвените славеа победа, домашни навивачи кои седеа покрај паркетот во прв ред, направија хаос.

Дончиќ и Кајри Ирвинг го потопија ЛА Клиперс

Далас Маверикс го добија шестиот меч од серијата против ЛА Клиперс и со вкупен резултат 4:2 одат во полуфинале на Западот.

Голи против облечени

Во борба против комерцијализација на фудбалот и крик за зачувување на старите добри вредности во фудбалската игра, во градот Херне во Германија бил организиран натпревар меѓу голи и облечени.

Кој не бил на фудбал во Велешта и Арачиново не знае како е

Во фудбалската лига на Гварамбаре, пониски дивизии во Парагвај, Јужна Америка судија едвај спасил глава, поточно го спасиле воени единици. Буквално војска на терен. Кај нас за традиционално најтешки гостувања отсекогаш важеле Велешта, Арачиново, Косел...

Знаете ли дека Фил Фоден како мал фаќал топки за Сити?

Фил Фоден има само 23 години а толку големо и богато фудбалско искуство. Тој е дете од школата на Манчестер Сити, од времето кога овој клуб уште не беше најбогат клуб на светот. Фоден бил вљубен во Сити а како мал често излегувал со играчите на терен и фаќал топки крај аут линијата. Во последните неколку сезони тој е еден од најдобрите светски фудбалери и еден од најзаслужните за бројните трофеи на Сити.

Топ 5 утки на Дарвин Нуњез

Уругвајскиот центарфор сезонава на 51 настап во сите натпреварувања за Ливерпул постигна 18 гола и имаше 13 асистенции. А можеше да има двојно повеќе голови да не промашуваше неверојатни зицери. Навивачите на Ливерпул кинеа нерви со едно од најскапо платените засилувања во клупската историја (платен 85 милиони фунти!). Јирген Клоп со право спушташе раменици многу пати сезонава и кажа дека на толку шанси екипата морала да освои повеќе бодови насекаде.

Пола Рим уште не верува што промаши Абрахам

Тами Абрахам, центарфорот на Рома, влезе во 90’ минута од клупата за резерви на мечот со Леверкузен. Имаше само четири минути да проба да направи нешто. Му се даде нереална шанса пред празен гол во последните секунди да намали на 1-2 против Баер Леверкузен и да ѝ донесе на Рома какви-такви шанси за поволен резултат во полуфиналето.

Дел Пјеро за Анри

Дали те потсеќа Килијан Мбапе на Тиери Анри го прашува водителката Алесандро Дел Пјеро а тој вели: „Секако, секако... Имаше секакви, ама дечки Тити на времето беше незапирлив. Криво ми е само што не игравме повеќе еден против друг, јас бев често повреден“.

Како изгледаше дуелот на титаните Хансен - Лазаров

Европската ракометна федерација објави носталгично видео во кое потсеќа на битката на гигантите: Кире Лазаров и Микел Хансен на Европско првенство 2012, мечот меѓу Македонија и Данска кој Данците го добија 33:32 со гол во последна секунда. Лазаров и Хансен двајцата заедно дадоа 25 гола.

Џејлен Брансон во стилот на Џордан

Дваесет и седум годишниот плејмејкер е најзаслужен што Њујорк Никс ќе игра во полуфинале на Истокот откако со маестрални партии ја елиминираа Филаделфија 76’. На последниот меч од серијата која Никс ја доби 4-2, нивниот лидер Џајлен Брансон имаше 41 поен, 12 асистенции и три скока. Ова му беше трет натпревар во низа со најмалку 40 поени.

Беверли од Милвоки удри гледачка со топка

Индијана Пејсерс го совлада Милвоки Бакс 120:98 и со 4:2 во серијата го исфрли некогашниот шампион од доигрувањето за титулата. Пејерс им набија таква фрустрација на Бакс што бекот на вториве Патрик Беверли пред крај на мечот два пати со топка намерно силно гаѓаше една навивачка на Индијана Пејсерс. За ова го чека суспензија.

Баскија да ти била извор на врвни тренери

Сан Себастијан е град во Баскија, во Шпанија, главен град на провинцијаа Гипузкоа, на само 20-ина километри од шпанско-француската граница. Во радиус од 25 километри во неколку различни местенца се родени Чаби Алонсо, најдобриот тренер во Европа за сезонава 2023/2024 кој прави чуда со Баер Леверкузен, Унаи Емери од Астон Вила, Микел Артета од Арсенал и Имано Алгуасил од Реал Сосиедад.

Олимпијакос ја згроми Астон Вила на гости, на чекор е од големо финале

Грчки Олимпијакос ја забележа можеби најголемата победа во својата понова клупска историја, откако синоќа во Бирмингем во полуфинале од Лига на Конференции ја совлада Астон Вила со 2:4. Финалето на овој турнир се игра во Атина така што навивачите на Олимпијакос сонуваат дека би можеле во својот град да стигнат до пехарот.

Баер Леверкузен е луд, го освои Рим и ја продолжи неверојатната серија

После првите натпревари од полуфиналето во Лига Европа, Баер Леверкузен е речиси сигурен патник во големото финале затоа што синоќа со 0:2 ја совлада Рома на преполниот „Олимпико“ во Рим и носи предност од два гола на реваншот.

Го прати во трафика и тоа два пати

Многу кошарка се игра во НБА и не е можно сè да се пофати. Ама мора да се погледне Тајлер Хиро од Мајами. Ова се вика играње мајтап.

Не со тој дрес да влегуваш

Баерн Минхен одигра 2-2 со Реал Мадрид во првиот меч од полуфинале на Лига на шампиони. Во самиот финиш тренерот Тухел во игра го внесува Алфонсо Дејвис наместо стрелецот на гол Лирој Сане. И сè во ред, додека еден помошник на клупата на Баерн не забележува што пишува на дресот на Дејвис. Александар Павловиќ број 45.

Доминацијата на Јокиќ на 19 години

Помлад е 10 години, послаб и не е габаритен како сега. Нема забивања, нешто што не е дел од неговата игра ниту сега, туку си го игра своето. Доминантен во секој поглед.

Што убава трибина направиле навивачите на Спарта Прага

За време на гостувањето во Оломоуц каде Спарта Прага победи 1-4 и со 4 бода предност во однос на најголемиот ривал Славија Прага влегува во доигрувањето за титула, навивачите на Спарта направиле прекрасно шоу. На необичната трибина формирале три колони во боите на нивниот клуб и наизменично пееле, секоја боја посебно.