Забава

Спремни за анти-воук комедија?

Јасен е тој и физички и политички принцип: колку едно клатно повеќе го затегаш во еден правец, толку повеќе, кога ќе го пуштиш, ќе отиде во спротивниот правец. Така и со ова. Што организирано, што спонтано расфрлани како денунцијанти по социјалните мрежи, овие фејкерскиве прогресивци толку се забахатија правејќи фетиши од нивните светости, што беше само прашање на време кога вицот ќе затропа на нивна врата.  

Капиштец го чека својот Бонамаса

Во комшилук на Џо Бонамаса имало журка, малку прегласна за тамошните стандарди на резиденцијалниот кварт (инаку, смешка во споредба со аудио теророт кој Интермецо со години му го прави на Капиштец), ама па тој решил да не им ќути. Гитара, појачало, овердрајв на најјако и - Smoke on the Water. Јер говеда со убаво не се разбираат. 

Во ништо да не верувате

Ќе ја објавевме и ние девојката која покажува колку е ладно кај неа со истурање вода надвор а водата инстантно замрзнува во спирала како што таа ја истура. Ама тие денови го објавивме оној клип со гз папирот, па да не тупиме многу со тоа ладното. Десетици дена и десетици милиони лајкови подоцна, малата признава дека е превара и објаснува како е направена.   

Не дека не сме биле во вакви кафани...

„Ресторан на згрешени нарачки“ е името на овој поп-ап ресторан во Јапонија во кој 37% од нарачките се утнати затоа што целиот келнерски персонал го сочинуваат луѓе со деменција.  Иако го добиваат она што го нарачале само во 63% од случаите, 99% од посетителите заминуваат среќни од ресторанот. Така де, големо чудо ако ти донеле ориз наместо нудли. А старине - срцки.

Јбг, некој мора да ја уништи забавата

Жал ни е, но ќе мораме да ја расипеме радоста на сите оие кои со одушевија од клипот од Давос, кога еден млад дечко од говорницата прописно му се насерува на злотворот Клаус Шваб од Светскиот економски форум, по што овој ко посран ја напушта сцената. Јеби га дечки, фејк е. Монтажа. Ама видете уште еднаш, и фејк прави ќеиф, мајку му!

Дувај си Милоше

Србин направи пометња во муабет со еден стендап комичар. Што и да го прашаат, тој врти накај ЛГБТ теми, односно сексуалната ориентација на неговата партнерка. Но, тоа е само фаза еден. Во фаза два се открива дека таа е од Русија ама е маж. Во фаза три дека тие двајца се - брат и сестра?! Дури на крај Милош признава на што се должи оваа мала конфузија. 

Комшија, вифито бе?

Пар примери од ликови кои го сркале отвореното вифи на комшијата па откако на овие им било бавно и ставиле пасворд, им се ставаат на врата да им се бунат дека не е фер. Прво го најдовме стариот и мислевме неговата глупоќа да ја препишеме на годините и несфаќањето како функционираат работите. Ама потоа наидовме на оној помладиот створ.

*****

Јбг, некој мора и научник да стане

За родител има нешто релаксирачко во сознанието дека детето најверојатно нема да му стане Нобеловец, пошто може да престане да го напнува непотребно. Ама, не сите родители имаат таква среќа. Чујте го „експозето“ на малиот а после и мајката, по што некои работи ќе ви станат појасни. Да ги прашаме нешто вакво оние нашине, „обичнине“, по дома, за момент бледо ќе те погледаат и ќе продолжат со скролање на мобилен.

Смеј се, ќе се разведуваме

Човек може да се прашува што стои зад оние монтирани насмевки и среќни врски на познатите фаци кога се сликаат по црвени килими за да бидат објавувани по жолти печати. Некогаш па и не мора да се прашува. На Златните глобуси се сликаа Џон Красински и Емили Блант кои се во брак 16 години. На многумина им се слушна како тој насмеан, низ заби ѝ вика: „Едвај чекам да се разведеме, озбилно“.  

Како да насмееш дементна Американка

Стара жена со поодмината деменција, ја прашуваат дали знае кој е претседател на Америка. Појма нема жената. Потоа ѝ помагаат, па и ја кажуваат првата буква од презимето на актуелниот прв човек на државата. Јок, статива. На крај ѝ кажуваат дека претседател на САД е Џозеф Бајден. Тука сме. 

Капетан Марвел, дај прибери се

Никој не очекува 34-годишната Бри Ларсон  на црвениот килим на Златните глобуси да се расплаче за децата од Појасот Газа или војниците на украинскиот фронт, ама па до толку да се раскравиш затоа што покрај тебе ќе помине Џенифер Лопез?? „Ќе се расплачам. Не можам да се справам со Џеј Ло!“, крикна Бри по што следуваше стандардното „Ти мене војвотке, јас тебе сердарке“. Овие од Холивуд џабе одат по психијатри.

Мамо, кој чука на порти

Саркастична,  речиси забавна пародија на она што изрелските доселеници го прават со домовите во кои со генерации живеат Палестинци, во име на наводното право да се живее на вековните територии на своите предци. Елем, во рандом англиски дом чука Римјанка со неприкосновени историски права. Вистинска Римјанка, Јупетаријанка. 

Има ли пилот (на ДУИ) во авионот?

Канцерот што нас одвнатре нè јаде и ги урнисува сите можни професионални стандарди и лични квалитети и заслуги а се вика Рамковен договор и од него изведените етнички квоти (кои веднаш се преведуваат во партиски квоти), тоа на Запад во последно време се прави во име на прогресивноста и диверзитетот. Глупичко е кога таа малигна идеологија ќе влезе во Холивуд, ама страшно е кога ќе влезе во пилотската кабина.  

Стиховна метеo прогноза

Пазете го вие овој досетлив мангуп. Се вика Адам Кругер и е главен метео човек во една хјустонска телевизија. Пошто тој метеоролошки јазик е ужасно сувопарен (се очекува влажен северен бран, сончево до местимично облачно, сообраќајот се одвива по суви коловози...), Адам ги прошарува своите извештаи со познати стихови од познати песни. И мнооогу добро тоа го пакува.

Американска лустрација на тема Џефри Епстин

На американската елита ѝм тече по ногавици од објавувањето на имињата поврзани со озлогласениот Епстин и неговиот педофилски ланец за сексуални услуги. Право време да се потсетиме и да станат појасни киселите насмевки на холивудскиот крем кога Џервеис им го спомна Епстин и патем ги ребреше дека некои од нив имаат поминато помалку време на школски клупи од Грета Тунберг.

Дејв Шапел си го знае занаетот

Во сторијата „Анатомија на еден виц“, на пример на махерот Луи Сикеј е објаснета структурата на една заебанција и елементите кои треба да ги поседува (премиса, акцент, контра...) за да се дојде до завршниот удар. Шапел (кого повеќе го почитуваме од што ни е смешен) многу добро го знае сето тоа и почнува да раскажува случка со Џим Кери, за да изгради заебанција која нема врска со Џим Кери.

Замисли Де Ниро да ти е најдосадниот гостин

Грем Нортон има импресивна листа на славни личности кои биле кај него, кој од кој поталентиран, кој од кој позабавен (омилен ни е Греј Дејвис, види овде). Ако му тешко да одвои кој бил најзабавен, нема проблем да го одбере најдосадниот. Никој друг туку Роберт Де Ниро. Стариот знаел да раскажува долго а потоа да се праша: Зошто уопште ви го кажувам ова?Ама затоа знае да ја сврти приказната накај она што го чеша - Доналд Трамп.

Како од работа да се вратиш напиен а полн пари

За влог од 20 долари, дечкото ви нуди сто долари, нормално, ако го победите. Гледате, има работа за оној кој му се работи. Наравоучение: нема вештина која не може во некој дел од животот да ја искористите за фин ќар. Партиски и корпоративни голтачи можат да се пробаат и без многу дополнителен тренинг.

Како Македонија ги враќа парите од криминалот

Уште кога Заев приватно го стави бројчаникот на Триумфална капија и во земјава не се најде ни една ебена институција да му каже, каде бе дечко така ставаш што ти текне на јавен објект (пробајте вие нешто слично, да видите како ќе ве спукаат инспекции), и на најшарените можеше да им стане јасно дека ова ќе остане ќенеф од држава. Ама, дур ти се врзани очите, сè изгледа надежно.

Бог не е циција

Сте виделе литургии, миси и процесии, ама ова немате видено. Народно-верски собир на една христијанска црква од Тексас, од која Бродвеј може да фаќа белешки а оние кои прават концернти спектакли како Рамштајн и Тејлор Свифт можат да липаат што не се ни блиску. И пазете, во името на верските слободи во Америка, сето ова е изземено од плаќање данок. 

Ги знаете Боби Ли и Сантино?

Пoдкастот им се вика „Bad Friends“ иако суштината е сосема обратна: нема подобри френдови од нив, пошто меѓусебно се вреѓаат по секаква основа и притоа скроз им е забавно. Си ги вреѓаат мајките, се ругаат по расна основа, се тролаат по културолошки разлики, по што им текне.  Одлична хемија има меѓу двајцата.

Закрепостени спотифајски музичари

На луцидниот Ал Јанковиќ мора лиги да му течеле кога одел кон банкомат да ги подигне парите кои Спотифај му ги уплатил за музиката која годинава била слушана на платформата. Тој одамна нема некој хит ама сепак во 2023 година, неговите песни имале 80 милиони стримови. Знаете колку му следува од Спотифај за 80 милиони стримови? 12 долари. Ќе се јаде сендвич!

Правнук ли е „Лудиот“ на Анте Павелиќ?

Актуелниот претседател на Чиле, Габриел Бориќ, по потекло е од хрватскиот остров Угљан, но таа фамилија има мигрирано уште во 1897 година. Многу поинтригантна е семејната историја на новоизбраниот аргентински претседател: наводно мајка му на Хавиер Милеи, Алисија Луциќ, е внука на усташкиот поглавник Анте Павелиќ кој во 1948 бега во Аргентина.    

Аууу, каква статива!

Го местат. Го викнале на муабет и го прашуваат за бившата. Кој кому раскинал, му фали ли, такви работи. Овој се разнежнува пa им кажува како му е на срцето. Не знае дека разговорот го следи и неговата бивша. Крајот е замислен како хепиенд, тие двајца повторно да се сретнат. Само што, треба да ги слушнете неговите последни зборови за да ви стане јасен насловот.