Епл се отвори на суд

Единствениот ќар што јавноста ќе ја има од судењето меѓу Епл и Самсунг е што конечно ќе може да ѕирне малку во приватноста на Епл.

Во сведочењето, потпретседателот на Епл за глобален маркетинг, Фил Шилер признал дека компанијата потрошила 647 милиони долари за рекламирање на Ајфонот во САД од 2007-ма до 2011-та. За Ајпадот, чие деби беше во 2010-та, маркетинг сметката е 457 милиони долари.

Целта на сведочењето на директорите на Епл е да докажат дека Самсунг ги копирал нивните дизајни за смартфон, додека Самсунг сака да покаже дека нивните производи се различни и дека Епл бил инспириран од производите на Сони.

Уредот на Сони, за кој Самсунг тврди дека е инспирација за Ајфонот

Скот Форстал, потпретседателот на Епл, сведочеше дека уште во 2004-та, биле поставени нови правила за да се формира тим кој ќе работи на оригиналниот Ајфон, кој во тоа време се водел како "Проект Виолетово."

Тогаш Џобс му порачал на Форстал, дека никој надвор од компанијата не може да биде ангажиран за работа на интерфејсот, на копчињата или на сликите кои се појавуваат на екранот. Затоа, Форстал собрал "супер ѕвезди" од Епл, на кои само им објаснил дека почнуваат со таен проект и дека му требала помош. Тој се сеќава дека им рекол: "Ако решите да ја прифатите оваа улога, ќе треба да работите понапорно од кога и да е во вашиот живот."

Форстал објаснил дека за проектот цел спрат од седиштето на Епл би заклучен, обезбеден со камери и читачи за картички и достапен само за вработените на проектот. На почетокот тимот бил составен од 1.000 лица.

Обајснувајќи како стигнале до дизајнот за првиот Ајфон, дизајнерот на Епл, Кристофер Стрингер, изјавил: "Тој беше најубавиот од сите дизајни... кога сфативме што имаме, знаевме." По Стригнер дури и Џобс се сомневал дека Епл ќе може да го испорача дотогаш невидениот дизајн.

6 август 2012 - 09:27