ЧатГПТ на кратко попушти со паметот

Деновите корисници на ЧатГПТ во неколку наврати на Редит се пожалија дека АИ ботот „имал удар“, „излудел“, „блада“ и „се губи“. По ова и ОпенАИ потврди дека на ЧатГПТ нешто не му е добро.

Во еден од примерите што ги наведуваат корисниците на Редит, ЧатГПТ бил прашан дали е дозволено на куче да му се дадат Чириос (корнфлекс). На што ботот одговара за по кратко време да почне да испишува неповрзани зборови и глупости.

На друг корисник на прашање „Што е компјутер?“ ЧатГПТ одговара: „Тоа ја врши работата на мрежа на уметност за државата, глушец за наука, лесно извлекување на неколкумина тажни, глобална куќа на уметноста, само во една работа за останатите. Развојот таква цела реална повеќе од земја во време е длабочината на компјутерот како комплексен карактер.“

Дел од експертите шпекулираат дека ова се должи на тоа што температурата на ЧатГПТ е поставена премногу високо („температурата“ е опција кај ВИ која одредува колку многу резултатите можат да застранат од најверојатниот одговор) или дека можеби ЧатГПТ тестира нова верзија на ГПТ-4 Турбо која се уште има некои багови. Исто така може да е последица на неодамна воведената опција за „меморија“.

Подоцна од ОпенАИ објаснија дека грешките се случиле заради правење погрешна процена во изборот на правилни зборови за резултатите, што пак се случило бидејќи „кернелите за заклучување дале погрешни резултати кога биле користени во одредени ГПУ конфигурации“.

23 февруари 2024 - 12:18