Постои една опасност за внатрешниот мир на Франција, имиграцијата

Бројот на имигранти што влегуваат во Франција севкупно има негативно влијание на колективниот живот во земјата, порачува поранешниот прв човек на Генералниот директорат за надворешна безбедност, француската ЦИА, Пјер Брошан.

Брошан смета дека имиграцијата сама по себе не е зла, меѓутоа „конкретната имиграција која ни се случуваше изминатите 50 години“ станала „осакатувачко претворање на француското општество во земја од третиот свет“, предизвикувајќи „уназадување во клучни области, како образование, продуктивност, јавни услуги, безбедност и пристојност.“

Тој предупредува и на тоа што одлуките на француската влада и гласачите се оформувани од меинстрим медиуми како Њујорк тајмс, или лоби групи како СОС Медитеран, бидејќи тие што лобираат никогаш не се тие што плаќаат „и дека ако не почнеме сами да се грижиме за нашите витални интереси, никој нема тоа да го направи за нас.“

За Брошан, Франција низ историјата од 1850 минува низ три имигрантски бранови. Во првиот во Франција пристигнуваат луѓе со „евро-христијанско потекло, дискретни и вредни,“ кои се економски и политички порамнети со француските обичаи. Вториот бран започнува во 1970-те, кој е спротивен на првиот и доаѓа од „држави од третиот свет и пропаднати општества“ и најголемиот дел се од муслимански региони и поранешни француски колонии. Овој бран ги има поразено сите одбранбени механизми на државата, и таа само има оставено на „авто-пилот“ да продолжи миграцијата. Третиот бран е започнат со Арапската пролет пред десетина години и тој има „најштетни последици“ од сите.

Поранешниот разузнавач порачува дека човек треба да има „мозок на колибри“ за да заборави дека муслиманите и Европејците со векови се во религиозен судир и дека би било наивно да се верува дека барем дел од ова ривалство нема да се повтори.

Дополнителна опасност е што самата група на муслимани имигранти доаѓа во Франција со долгогодишни внатрешни меѓусебни конфликти (Турци-Курди, Алжирци-Мароканци, северноафриканци - субсахарци) кои сега ќе се одигруваат на француските улици.

Брошан дава и свој план од шест точки за тоа како Франција да излезе од оваа ситуација. Прво директно справување со нелегална имиграција и нејзино намалување за 10 пати. Второ, намалување на визите за ризични држави за 20 до 30 пати. Трето, намалување на социјалната помош за мигрантите. Четврто намалување на траењето и бројот на дозволи за престој и прекинување на нивното автоматско обновување. Петто, укинување на автоматското стекнување право за пријавување за државјанство, и шесто, засилување на „христијанскиот секуларизам“ со тоа што тој повеќе нема да се неутрализира во државата и образованието.

12 декември 2022 - 12:54