Мостот што заглави трговија од 81 милијарда долари

Пристаништето во Балтимор е 9-то по големина американско пристаниште за производи од странство, преку кое годишно минуваат околу 52 милиони тони роба. Од вчера пристапот во пристаништето е блокиран откако брод директно се заби и го сруши мостот кој минува по целиот пристап до заливот во кој што се наоѓа пристаништето.

Освен што работата на пристаништето е запрена, во него моментално се заробени 10 товарни бродови кои немаат како да излезат.

По сударот, околу 40 бродови кои требало да пристигнат на пристаништето во Балтимор се пренасочени на други пристаништа.

За сега спасувачките екипи работат на откривање и спасување на луѓе кои во моментот на судирот се нашле на мостот, а процената е дека на отворањето на преминот кон пристаништето ќе се чека најмалку неколку недели.

Се работи за пристаниште кое активно го користат некои од најголемите светски производители на автомобили, како Нисан, Тојота, Волво, Ауди, Ламборџини, Фолксваген, и низ кое само минатата година имаат поминато над 750.000 возила, заради што се очекува задоцнување на нарачаните возила за американскиот пазар.

Тоа е и најголемото американско пристаниште по волумен за земјоделска и градежна машинерија, и земјоделски производи.

Освен стока, пристаништето е и една го главните локации за тргнување на големите патнички крстосувачки бродови, низ кое минатата година минуваат над 444.000 луѓе.

И понатаму останува нејасно што довело до судирот. На снимката се гледа дека пред ударот снемува струја на целиот брод и неколку секунди подоцна пак се враќа. Ниту еден од 22 члена на екипажот не е повреден.

Мостот што падна секој ден го користеа по околу 30.000 луѓе.

27 март 2024 - 11:05