Британија би можела да ја признае Палестина

Пред воопшто да се потпише каков било договор за решавање на палестинското прашање меѓу Палестина и Израел, палестинската држава би можела да биде признаена од Британија, порачува британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Камерон.

Се работи за драстично поместување на британската надворешна политика, но еден од предусловите дадени од Камерон е дека такво нешто нема да може да се случи се додека Хамас е во Газа, а во меѓувреме и дека за признавањето нема да се чека на „решението базирано на две држави“ до кое треба да стигнат Израел и Палестина.

Во разговор со новинари во Либан, Камерон објаснува дека признавањето на независната палестинска држава „не може да се случи на почетокот од процесот, но не мора да се чека па ни крајот.“

Поранешниот премиер, а сега прв дипломат на Британија, на Блискиот исток го претставуваше својот план од пет точки за ставање крај на последната војна меѓу Израел и Хамас.

Британија е една од државите која ја застапува позицијата дека решението базирано на две држави е единствено изводливо долгорочно решение на конфликтот, нешто што остро е отфрлено од израелскиот премиер и неговата влада. Ставот на Нетанјаху е дека е потребна „целосна израелска безбедносна контрола врз сè западно од Јордан“ што е очигледно „спротивно на палестинска држава.“

5 февруари 2024 - 11:30