Американците да и кажат фала на Америка што следи и прислушкува

Њујорк тајмс со сета своја сериозност објави текст во кој се хвалоспева и величи следењето и прислушкувањето што го врши американската разузнавачка машинерија и дома и низ светот.

Логиката на Метју Ваксман и Адам Клејн започнува со тоа,  види што му се случи на Израел а тој толку многу прислушуваше.

Двајцата пишуваат во одбрана на неодамна изгласаното продолжување на американскиот закон за следење на уште две години кој според нив е „клучна разузнавачка алатка која обезбедува критични информации за непријателски држави и закани од тероризам до шверц на фентанил.“

Паниката на поборниците за човекови слободи и права, двајцата автори ја смируваат со тоа што во новиот закон се додадени неколку правни типови на заштита на американскиот граѓанин.

Објаснувајќи како според Законот за следење на странци од 1978, на американските разузнавачи им требала дозвола да следат странци на американска територија (не и надвор), двајцата автори пишуваат дека работите се комплицираат со појавата на социјалните мрежи и компании како Гугл и Мета, кои се користени во странство од странски државјани но сепак нивните сервери и податоци се чуваат во САД.

Овој проблем американскиот Конгрес го решава со воведување на прописот 702, кој дозволува дозволува ова следење и наместо барање посебна дозвола за секој поединечен човек, таа да се добие на ниво на програма за следење, кој пример во 2022 опфатила 246.073 странски мети.

702 на САД им носи разузнавачки информации за воени закани, тероризам, крадење американски трговски тајни, хакирање и шверц на Фентанил. Со помош на разузнавање собрано преку 702, САД успеваат да го откријат и убијат Ал-Завахири, лидерот на Ал-Каеда одговорен за 11 септември.

„Речиси 60% од ставките во дневниот разузнавачки извештај на претседателот вклучуваат информации собрани со помош на 702,“ пишуваат Ваксман и Клејн.

Иако се однесува на странци, прописот 702 опфаќа и американски државјани кои комуницираат со странци, кои според авторите е прифатливо и неопходно да се следат во случај тие да се во контакт со надворешен непријател или закана.

Признавајќи дека ФБИ и други ги прекршиле правилата и ограничувањата што ги предвидува 702, пример анализирале американски државни функционери и новинари, тие објаснуваат дека новата верзија предвидела начини да се спречи злоупотребата на прописот 702, „без да се компромитира неговата вредност за националната безбедност.“

„Законот донесен од Конгресот содржи бројни реформи кои драматично ќе ја унапредат неговата согласност. Тој остро го намалува бројот и чинот на ФБИ агентите кои можат да започнат 702 истрага, воведува строги казни за погрешно однесување и го проширува надзорот од Конгресот и судовите,“ се објаснува во текстот на Њујорк тајмс.

Самото одбивање во законот да се вклучи и задолжително барање на налог од специјалниот ФИСА суд пред да се искористат информациите добиени преку 702, авторите го сметаат за позитивно бидејќи на тој начин се олеснува и забрзува работењето на разузнавачите, кое инаку би било оптоварено со бавната бирократија на ФИСА.

Додека издавањето налог без можна причина неопходна за истиот тие ја оправдуваат со тоа што таквата причина ретко кога е достапна во првите фази од истрагата, а „токму тогаш таквите мерки на истрага се најкорисни, проверките на датабазите им дозволуваат на агентите да видат дали таму имало претходно незабележана врска со странски терорист, шпион или друг непријател.“

„Балансот постигнат меѓу безбедноста и приватноста треба постојано да се рафинира. Изминативе години покажаа дека прописот 702 е од голема вредност за националната безбедност. Меѓутоа тие исто така открија и недостаток на почитување на законите од ФБИ. Последната реавторизација ја засилува приватноста без да ја заслепи нашата држава пред заканите на денешниот опасен свет,“ пишуваат Ваксман и Клајн.

23 април 2024 - 12:39