44 милиони луѓе го тужат Фејсбук (Мета)

Сумата што ја бараат е 2,3 милијарди фунти, пари кои според нив треба да компензираат за тоа што Фејсбук заработувал од користење на нивните податоци по приклучување кон социјалната мрежа.

Тужбата е во Британија, и во нејзе се наведува дека Фејсбук го прекршил Законот за конкуренција од 1998 со тоа што поставил „не фер цена“ за корисниците на Фејсбук кога им бил даден пристап до сервисот.

Правниот експерт зад тужбата, др. Лиза Ловдал Гормсен, тврди дека цената за користење на Фејсбук, кој не им наплаќа пари на своите корисници, е управување со личните податоци на корисниците од каде доаѓа и најголемиот дел од приходите. На светско ниво Мета 98% од своите приходи ги прави од огласувачите, на кои им овозможува снајперски прецизно да ги таргетираат демографиите и потрошувачите што ги бараат за својот производ.

Доколку Фејсбук биде прогласен за виновен, крајната сума на оштетата ќе биде утврдена од судијата во случајот. Цифрата од 2,3 милијарди фунти е процена на експертите зад случајот. Тужбата е финансирана од Инсворт, фирма која плаќа за различни тужби во замена за удел од потенцијалната отштета.

Тужбата прво ќе биде слушната од судија кој треба да одлучи дали таа ќе биде прифатена да се решава на суд. Доколку мине таму, решавањето на тужбата се очекува да трае меѓу 6 и 12 месеци.

Минатата недела на другата страна од Атлантикот, федерален судија одлучи дека американските анти-монополски власти можат да продолжат со поднесување на тужба во која ќе бараат растурање на Фејсбук (по ново Мета). Американската Федерална комисија за трговија (ФТЦ), сака да ја натера Мета да ги продаде Инстаграм и Вотсап. Во оваа тужба Фејсбук е обвинет за практикување на „анти-конкурентско однесување“ со купување или уништување на ривалите.

17 јануари 2022 - 09:30