Почеста последна умира

Со просто мнозинство, Устика, мал сицилијански остров со 1.300 жители, му го одзема почесното државјанство на Волт Дизни, носејќи закон според кој само живите можат да добијат такво признание. Но, покојниот американски аниматор беше само колатерална штета: вистинската цел беше Бенито Мусолини.

Малкумина надвор од Италија знаат дека осум децении по смртта на фашистичкиот диктатор на Италија, тој и натаму останува почесен граѓанин на стотици италијански градови и места.

На врвот на популарноста на фашистичкиот режим, речиси сите од речиси 8.000 општини во Италија го прогласија Мусолини за нивен почесен граѓанин.

Дури во 1944 година, градови како Неапол и Матера почнаа да се ослободуваат од овој товар. Но, со децении имаше застој па до 2015 година, доживотната италијанска сенаторка Лилијана Сегре (93) - единствената од нејзиното семејство која го преживеа холокаустот - го делеше истото почесно државјанство на Триказе, во Лече, со првиот човек на режимот кој ја депортирал во Аушвиц.

Постоењето на овој проблем го актуелизираше Националната асоцијација на италијански партизани како и левичарската партија Синистра Италијана.

Како резултат на нивните иницијативи, десетици градови му ја одземаа почесната титула на Дуче и како надомест на неправдата, им ја дадоа таа титула на партизани загинати во борба против фашистите.

Но, некои не сакаат или пак се правдаат дека законите ги спречуваат да му одземаат почесно жителство на починат. Токму затоа и Устика го смени законот за да може да го стори тоа, бидејќи на тој остров во зандана беше пратен Антонио Грамши, еден од најважните марксистички мислители на 20 век.

Локалните власти во местата кајшто Мусолини и натаму останува почесен граѓанин велат дека почесната титула е историски чин што не треба да се брише и не може да се оценува според денешните стандарди.

Покрај Мусолини и Дизни, на Устика почеста им беше скината и на американскиот астронаут Малколм Скот Карпентер и францускиот поморски офицер и океанограф Жак  Кусто.

28 април 2024 - 10:07