Расистички ли е да се зезаш со Хамас?

Вашингтон Пост објави па повлече карикатура со еден висок член на Хамас кој неодамна призна дека не му е важна цената која ќе се плати за нивните политики. Освен проблемот со цензурата, овој случај на некои им личи премногу сличен на неодамнешните хистерии со Black Lives Matter.  

Минатата недела Вашингтон пост објави карикатура на која високиот функционер на Хамас, Гази Хамад, со жени и деца врзани за неговото тело како жив штит, вика „Како се дрзнува Израел да напаѓа цивили?“.

Во сегашната клима на „одјeци и реаговања“, она што се случи потоа не изненадува. По реакциите во самата рeдакција и меѓу читателите, уредникот на тој дел на весникот ја повлече карикатурата.

За оние кои не се запознати со раководството на Хамас, терористичките управувачи на Газа, контекстот е важен. Хамад, фигурата прикажана од карикатуристот Мајкл Рамирез (добитник на Пулицерова награда), е екс заменик министер за надворешни работи во владата на Хамас.

После нападот на Хамас од седми октомври, тој даде интервју (целото го имате во статијата „Израел пали, Хамас дотура бензин“) во кое ќе рече:

„Мораме да го научиме Израел на лекцијата. И ќе го сториме тоа и пак, и пак. Операцијата „Поплавата Ал-Акса“ беше само почеток, ќе има и втора и трета и четврта... Ние поседуваме и решеност и средства да се бориме. Дали ќе платиме цена? Да, и подготвени сме за цената. Ние сме народ на верски маченици и спремни сме да жртвуваме маченици“.

„Очигледно не смееме да ги навредуваме убијците од Хамас сугерирајќи дека користат цивили како жив штит, што и самите го признаваат“, ќе напише Џени Холанд и ќе додаде:

„Hamas Lives Matter е најновиот тренд на западната левица. Без разлика на вековното прогонство, во очите на разбудените, Евреите сега се целосно изедначени со „белите привилеги“.

Според неа, карикатурата на Хамас во ВП е само мал пример од еден  поширок проблем. Матрицата е секогаш иста: земете парче вистина за страдањето на некои луѓе и екстраполирајте го тоа до степен во кој секој што не е член на таа група е геноциден колонијалист.

Пред неколку години, левицата го злоупотреби масовното апсење црнци и полициските малтретирања и ги искриви до непрепознатливост. Активистите на „BLack Lives Matter“ ја искористија загриженоста на јавноста за ова прашање за да ја наполнат јавната сцена со комплетно токсична и расистичка идеологија, која секој бел човек го прикажуваше како лично одговорен за страдањата на секој црнец.

Денес е исто, смета Холанд.

„Страдањата на жените и децата во Газа, како резултат на војната што ја започна Хамас, се земаат како непобитен доказ дека сите Евреи се зли колонизатори, а сите Палестинци светци – дури, се чини, и  раководството на Хамас. За жал, живееме во култура каде што укажувањето на фактите не прави разлика. За левичарите не е важно што првите тројца лидери на Хамас се милијардери (види: „Чаушите на Хамас не знаат колку пари имаат“ - н.з.), не е важно што некои мејнстрим-медиумски мешетари можеби се имаат дружено со сторителите на масакрот од 7 октомври или пак дека некои го имаат фалено Хитлер. Ништо не пенетрира во идеологијата.“

 

 

 

14 ноември 2023 - 16:40