Шамарање од Мат Таиби:

Не, Њујорк тајмс, не „заслужувате подобро“ од Доналд Трамп

Њујорк Тајмс упорно одбива да сфати зошто Трамп сè уште постои на сцената па смета дека на луѓето не им е доволно јасно дека тој е булшит. Мат Таиби уште поупорно им плеснува: Знаат тие дека Трамп е булшит, ама знаат и дека вие сте бетер од него. 

Помеѓу мноштвото демонстрации на ужас кои никнаа како реакција на најавата за нова претседателска кандидатура на Трамп, едиторијалот на Њујорк тајмс се истакна, испорачувајќи вистински бисер од напис: Америка заслужува подобро од Доналд Трамп.

Стварно? Ако прашањето е дали Доналд Трамп треба да биде претседател, иако уште од почетокот мојот став на темава е јасен, ќе повторам дека одговорот е не. Ама заслужува? Посегнувајќи по еден таков збор, Тајмс искомплицира нешто кое требаше да биде проста дилема. Дали едиторијалот на Тајмс го заслужува Трамп за претседател? Како што Вилијам Мани рече, пред да го овери тоа со истрел во филмот „Unforgiven“, заслугите немаат ништо со тоа. 

Во 2016-та, Доналд Трамп беше изгласан за претседател на САД. Тоа е факт. Оттогаш, американскиот политички естаблишмент упорно одбива да проба да сфати како и зошто бидна тоа. A Тајмс неделава доаѓа најблиску до објаснувањето: 

Трамп има многу верни поддржувачи, кои иако знаат дека има мани, го сметаат за шампион. Неговото доаѓање на власт е градено на идејата дека тој е победник, а неговата победа во 2016-та беше доволна за голем дел од Републиканците да ја оправдаат својата поддршка за него. Победата и овозможи на партијата да ги намали даноците и да ја преземе контролата на Врховниот суд, започнувајќи ера на конзервативистичка јуриспруденција, вклучително поништувањето на одлуката „Ро спроти Вејд). 

Во овој свет на фантазија, Републиканците едвај го трпеле Трамп, само како алатка за обезбедување на традиционалните конзервативни цели какви што се абортусот и  намалувањето на даноците заради „идејата дека е тој победник“.

Мора баш многу да дувате за да верувате дека е ова така. Можеби некои републикански политичари и направиле макијавелистичка пресметка каква што опишува Тајмс, ама неговите гласачи не гласаа заради тоа. Тие само видоа шанса да им кажат џиновско ЕБЕТЕ СЕ на луѓето кои ги мразеа, и на кои им веруваа помалку одошто на Доналд Трамп. 

А тоа сте вие, почитувани членови на уредништвото на Њујорк тајмс, топтан со уредниците на други весници како Вашингтон пост, разни телевизии и кабелски оператори, двете најголеми партии, и речиси сите големи институции - американски и под американско водство - од НАТО до Федералните резерви, до Департмент за правда на Мерик Гарленд, до Департментот за национална безбедност итн.

Извесно е дека постојат 75 милиони Американци кои сметаат дека вам помалку може да ви се верува отколку на Доналд Трамп, и не затоа што мислат дека Трамп е пресветиот спасител на чистиот ген (Тајмс закачи слики од поддржувачи кои „се молат на Доналд Трамп“). Напротив, тие знаат дека е тој срање од прва класа. Само што мислат дека вие сте полоши. Кога Трамп лаже, просечниот граѓанин крева раменици, како кога се обиде да ја продава сказната околу „Најдобрите стекови на светот!“ Кога членовите на „заслужуваме подобро“ лажат, тие тоа го прават под ореол, поради што на милиони луѓе им се оди „понадвор“.

Дејв Шапел добро го убоде тоа минатиот викенд: 

Трамп е политички жив од причина што успеа изминативе шест години да го претвори во референдум околу тоа што се случува во Белата куќа. Секој пат кога некој ќе излаже што се случува таму, Трамп добива по еден глас. Лагата дури не мора да има врска со Трамп. Може да биде каков било чин на лажно морализирање на високата класа. Трамп веројатно доби некој глас и кога дел од сценаристите на Saturday Night Live останаа дома, одбивајќи да соработуваат со Шапел. 

Сето ова е реприза на ерата што уследи по 11-ти септември, кога американското раководство влезе во замка што им ја постави Осама Бин Ладен. Обвинети дека се глобална сила за репресија, нашите лидери се согласија на тортура, киднапирање, убиства, бомбардирање цивилна инфраструктура, масовно надгледување и други ужаси, и сето додека изведуваа хвалоспеви за „градот што сјае на ридот“. Тоа не го оправдува Бин Ладен, ама тоа како ние реагиравме на него апсолутно ги влоши нашите позиции во светот, што е последица што ја заслуживме. 

По изборот на Трамп, видовме политичари кои соработуваат со медиумите изнесувајќи „тешки“ докази за тоа како тој мести избори потпомогнат од Владимир МекБабарога, видовме како ФБИ гуши вистински приказни, видовме како секој што ќе крене глас против нивната политика бива наречен предавник и закана по националната безбедност, а што е најсрамно од сè, видовме и како се гради џиновска машинерија за цензура која е подготвена да ве дрмне со струја по јајца ако само кликнете на видео каде што би требало да го има Трамп. 

Утрово се разбудив бесен затоа што Јутуб го цензурираше совршено веродостојно видео од сајтов, на Мет Орфал, поради гревот што на него има фанови на Демократската партија кои ги прават истите работи поради кои Трамп е одвратен. Платформата ја загрози егзистенцијата на авторот а нас нè нарече „агенти на дезинфорации“, да ги поштедат Карин Жан-Пјер, Џо Бајден, Роб Рајнер и Рејчел Медоу од слични споредби.

Кога овие луѓе навистина би биле на чисто, не би морале да ја цензурираат реалноста за да го докажат тоа. Исто и Тајмс. Тие ја напишаа таа воведна реч преправајќи се дека тие не постојат благодарејќи на тоа што пред многу години изградија цела редакција за лажни вести поврзани со Русија. Слејт објави транскрипт од седиштето на Тајмс, во која уредникот Дин Бакет вели дека неговиот весник е „во небрано“ со заклучокот на Милеровата истрага, затоа што „нивните читатели кои посакуваат Доналд Трамп да биде тргнат одеднаш може да помислат: „Срање, Боб Милер нема да го тргне“!

Под „во небрано“ Бакет мислеше на тоа дека неговиот весник не бил подготвен за случај во кој Милер нема да има ништо, затоа што престана да биде новинска организација спремна да прифати своја вина, нечија невиност, или што и да е вистина, а наместо тоа стана политичка операција која агитира во име на “читателите кои сакаат Трамп да биде тргнат“. Отворено поддржувајќи еден конкретен исход и игнорирајќи секаква друга можност, се доведоа до ситуација упорно да објавуваат погрешни и очигледно пристрасни вести во низа. 

Лепезата се протега од озлогласената приказна за „Повеќекратните контакти со руските разузнавачи“ до апла владиниот ПР наслов „ФБИ користела доушник за истрага на поврзаноста на Русија со претседателската кампања, а не за шпионажа, како што Трамп тврди“. Тајмс не истражи докрај десетина свои приказни затоа што тоа беше и остана политички орган, а не весник. 

И прљаво играа. Обвинија луѓе за сериозни дела без да им остават простор за коментар, доведоа луѓе под лупата на јавноста врз основа на непроверливи тврдење на анонимни функционери и подоцна се вадеа, ако воопшто се вадеа. Ако нови настани укажуваа на недоследности во претходно објавените репортажи, тие ретко кога тоа го прифаќаа. Сето ова беше под закрила на новото правило, дека линиите сега можат да се преминат, поради Трамп. 

На демократијата ѝ се потребни медиуми што работат независно од политичките партии, а Тајмс има водечка улога во уништувањето на оваа функционална особина. Затоа не можам да се согласам дека „заслужуваат подобро“ од Доналд Трамп. Тие и тоа како го заслужуваат Трамп, како и секој друг кој последниве шест години ја лажеше, цензурираше и мамеше „демократијата“, додека истовремено мантраше за „демократија“.

Како што рече Шапел, Трамп е искрен лажго. Вие, Тајмс, сте друга сорта.  

Мат Таиби

21 ноември 2022 - 17:50