Паркингот наречен Европа

Преплавеноста со кинески електрични автомобили и европски проблеми со логистика и транспорт ги претворија европските пристаништа во масовни паркинзи на нови автомобили кои ниту имаат каде да одат, ниту можат да мрднат.

Првите луѓе на европските пристаништа и на автомобилската индустрија го обвинуваат увозот на кинески електрични возила за затката која се случува на пристаништата во Европа и дека одредени компании резервираат места на пристаништата без притоа да договорат и транспорт за понатаму.

Друг проблем е што производителите генерално не можат да договорат доволно камиони за превоз бидејќи нема шофери, ниту опрема која би ги транспортирала возилата.

Европските производители ги тужакаат кинеските дека не ги продавале доволно брзо своите возила во Европа што придонесува и за гужвата која се случува на пристаништата.

Има случаи кога цели паркинзи се зафатени со кинески возила и по 18 месеци без да мрднат од таму или пак паркинзите се користат како „магацин“ и возилата не се мрдаат од таму дур не се продадат.

Од германската БЛГ логистика која управува со терминалот за увоз на возила во Бремерхавен, вториот по големина терминал во Европа, објаснуваат дека значително зголемување на гужвата се случило откако германската федерална влада решила да го прекине субвенционирањето на електрични возила во декември 2023.

Кинескиот извоз на електрични возила во Европа во 2023 бил 58% поголем отколку во претходната година. Во првите два месеца од годинава, Белгија, Британија, Германија и Холандија се главни извозни дестинации за кинеските зелени возила.

Проблем за Кинезите е што допрва влегуваат во Европа и ги градат своите тимови, мрежи и логистика, па не можат да добијат приоритет од поголемите транспортни компании да им обезбедат доволно камиони за превоз. ФТ пренесува изјава на човек запознаен со проблемот кој објаснува дека моментално голем број возила и нивниот капацитет е резервиран од Тесла.

Пред проблемите со камионите, авто-индустријата со месеци се мачеше со недостаток на капацитет на товарните бродови откако кинескиот извоз на далечни дестинации за една година порасна за 17%. Овој проблем дополнително беше искомплициран од нападите на Хутите во Црвеното море.

17 април 2024 - 11:24