ОПЕК треба да признае дека нема од каде да извади плус нафта

Една од неочекуваните последици од нафтениот зорт што настана од војната во Украина е што би можело да се открие дека најголемите производители на нафта од ОПЕК  всушност ги немаат капацитети за производство на нафта на кои целиот свет се надеваше а тие ги промовира.

Апокалиптичното сценарио се базира на ограничувањата на обемот на нафта што ги го извезле членките на ОПЕК и внатрешните проблеми што се случуваат кај производители како Либија, Ирак и Еквадор.

„Глобалните нафтени пазари долго време веруваа дека ОПЕК има доволно капацитет за производство за да ги стабилизира пазарите, и дека се што треба е Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати да ги отворат славините.

Сепак нема реални докази кои покажуваат ОПЕК на краток рок го има зголемено капацитетот за производство,“ пишува аналитичарот Сирил Видершовен.

Тој наведува извештај од Комонвелт банката која забележува дека производството на двата лидери на ОПЕК, Саудиска Арабија и ОАЕ, веќе е речиси на максимумот, нешто што беше потврдено и од министерот за енергетика на ОАЕ.

Истото го пренесе и Макрон кој од претседателот на ОАЕ, Мухамед бин Зајед, добил информација дека земјата е на својот максимум, а Саудиска Арабија би можела да го зголеми производството само за некои си 150.000 барели на ден, и дека Саудијците во следните 6 месеци не би имале некој значително дополнителен капацитет.

Сите овие бројки се спротивни на официјалните бројки од двете држави, кои со години тврдат, и со години се оспорувани од експертите, дека заедно имаат дополнителен слободен капацитет за производство од 3,9 милиони барели на ден, а не 150 илјади.

Работите ги комплицира и Еквадор, кој се очекува деновиве заради антивладини протести да го прекине своето производство од 520.000 барели на ден, како и затворањето на либиските капацитети.

Една од олеснителните околности е што досегашната цена на нафтата и инфлацијата предизвикаа забавување на економијата, па надежта е дека тоа ќе ја намали и побарувачката на нафта. Според Видершовен, ова сценарио е малку веројатно заради повторното разработување на кинеската економија и цената на природниот гас.

„Иднината на ОПЕК е под знак прашање ако резервниот капацитет навистина се потрошил. Со години, аналитичарите, предупредуваат за недостатокот на инвестиции во ова поле на светско ниво.

Тоа веќе доведе до пониско производство кај независните нафтени компании, а изгледа слично ги чека и националните компании. И покрај тоа што саудиски Арамко го одржува нивото на инвестиции во изворите на нафта, другите големи производители на ОПЕК имаат намалени буџети па дури и кризи,“ пишува Видершовен, според кого дури и укинувањето на санкциите на Венецуела и Иран нема да доведат до значително зголемување на производството.

Очекувањето на Видершовен е дека на Западот работите ќе ги искомплицираат најавените еднократни даноци што треба да се воведат на енергетските компании кои извадија блесав ќар од високата цена на нафтата и гасот. За Видершовен ова само ќе ги скрати инвестициите во нови капацитети за вадење нафта и ќе доведе до уште поголема цена.

1 јули 2022 - 13:15