Лондонград нема да падне

Барањата и апелите за запленување на руски имот и имот на руски олигарси сред Лондон најверојатно никогаш нема да се остварат што заради страв од правни проблеми, што заради речиси неизводливоста на такво нешто.

На почетокот од војната во Украина министерот Мајкл Гов ја повика владата да ги заплени палатите на руските олигарси во Лондон и тие да бидат претворени во домови за украинските бегалци.

Друг предлог беше куќите да им се дадат на британските банки, а тие во замена би помогнале да се финансира обновата на Украина.

Две години подоцна ништо од тоа не се случи, а Политико разговара со британски адвокати и експерти според кои без разлика на моќните пораки, ниту има, ниту некогаш имало правна основа за запленување на замрзнатите руските пари, средства и друг имот.

„Британската влада нема да биде комфорна да изгради храбар нов правен поредок,“ објаснува адвокатката за санкции, Ана Бредшо.

Британија веќе има замрзнато 18 милијарди фунти имот на руски олигарси и уште 26 милијарди од руската централна банка.

„Меѓутоа експертите нагласуваат дека има голема разлика меѓу замрзнување и запленување,“ пишува Политико.

Главната разлика е што замрзнувањето е привремена мерка, па иако владата може да го искористи профитот направен од замрзнатите средства, како што дозволи и ЕУ, таа на крај ќе треба да му ги врати средствата на оној на кого му ги замрзнала.

Запленувањето е трајно и може да има огромни правни последици. Како што објасни претседателката на Комитетот за трезор на долниот дом на британскиот парламент, Хариет Болдвин:

„Британија не може да оди и да запленува имот на луѓе кај ќе стигне. Тоа ќе нè претвори нас во клептократски режим.“

Ветувањата и жестокоста на политичари како министерот за надворешни работи, Дејвид Камерон, дека Британија не мора да чека да заврши војната за да го троши профитот од замрзнатите руски пари, најверојатно идентично ќе издишат како и изјавите од пролетта 2022, и за какво било трошење ќе треба да се чека крајот на војната.

Политико смета дека освен правните проблеми, на британските политичари им е јасно и дека милијардите долари руски пари ќе послужат добро и во идните мировни преговори со Москва.

Тука е и стравот дека секое одземање на руските средства, државни или приватни, ќе го поткопа кредибилитетот на институцијата што ги чува и ќе ги одврати другите држави и поединци своите пари да ги доверат на истата институција или држава која е подготвена да преземе таков чекор. Ова посебно е опасност за Сити, лондонската финансиска област, која има репутација на водечко место за инвестирање пари, кои не секогаш мора да се чисти.

15 април 2024 - 14:50