Цената на нафтата во САД за прв пат во историјата падна под 0 (нула) долари

Бидејќи имаат повеќе нафта отколку што имаат капацитети за складирање, производителите на нафта од САД се присилени да плаќаат пари за да се ослободат од вишокот нафта со кој располагаат. Моменталната цена на нафтата е - 2 (минус два) долара за барел.

За неколку час по отворањето на берзите цената на нафтата падна за над 105%, со што производителите беа присилени да им плаќаат пари на купувачите за да го земат вишокот нафта што не можат да го складираат.

Крахот предизвикан од ковид-19 пандемијата исто така ја симна во негатива и цената на нафтата во Канада.

Колапсот на цената на северноамериканскиот пазар е забрзан и од тоа што денес е последниот ден кога производителите можат да продадат нафта која ќе биде испорачана следниот месец, кога се очекува резервоарите да го достигнат својот максимален капацитет.

Уште пред една недела беше објавено дека рекордни 160 милиони барели нафта се складирани на „супер-џиновски“ нафтени танкери во близина на најголемите пристаништа на САД. Последен пат магацините со нафта во САД беа на критично високо ниво во 2009 кога трговците имаа складирано над 100 милиони барели нафта во танкери. Тогаш залихите почнаа да се празнат кога економијата малку од малку се врати на нозе.

Цената на нафтата се очекува повторно да живне во втората половина од годинава кога треба да се олабават строгите забрани за патување.

20 април 2020 - 21:24