Шарапова го објави телефонскиот број, да ѝ праќаат рецепти

Некогашната најдобра тенисерка на светот, Русинката Марија Шарапова им предложи на своите следбеници на социјалните мрежи слободно да ѝ пишуваат пораки.

И покрај тоа што пред неколку недели соопшти дека официјално ја завршува својата богата професионана кариера, Шарапова и натаму е активна.

Преку порака на социјалните мрежи од карантин во САД каде опасно беснее ширењето на Ковид-19, Шарапова го подари јавно својот телефонски број и ги покани сите да ѝ праќаат пораки со убава мисла во време на изолација, да ја прашуваат прашања и ако може некој добар рецепт за да пројде времето.

„Здраво на сите! Убав петок ви посакувам, што и да значи тоа во ситуацијава. Ја користам приликата да бидам на линија со сите вас, зошто минатата недела одлично разговарав со 150 од вас за време на видеоконференција. Ми се допадна таа онлајн-средба и сакам уште да разговарам. Работата е што сега сме во самоизолација и треба да се дистанцираме. Затоа сакам да ми раскажете што мислитр.

Еве една идеја: сакам да ми пишете што мислите, ќе го ставам бројот на екранот на кој може да пишете порака на телефонот кој сега го држам во рака и снимам видео. Пишете и чекајте одговор. Напред!“, пишала 32-годишната петкратна шампионка на Гренд слем.

Во коментар под видеото таа додала дека им предлага на следбениците да раскажат што прават, да прашаат нешто или пример да пратат некој рецепт.

Во меѓувреме во коментари Американци ѝ пишуваа дека смс-от се плаќа 2 долари и дека не можеле да пишат на Вибер или Вотсап, а други сметаат дека претходната видео-конференција ѝ била само проба за да види како ќе функционира со платежни смс пораки.

Подоцна во стори Шарапова објаснила дека може да одговара само на следбеници од САД и Канада, а кога ќе може ќе се поврзе и со жителите на други земји.

4 април 2020 - 13:40