Пред две години во втора лига, сега стрелец во полуфинале на Лига на шампиони

Во 36’ минута од полуфиналето на Лига на шампиони меѓу Борусија Дортмунд и ПСЖ победничкиот гол го постигна германскиот репрезентативец Никлас Филкруг. И двата тима до крајот имаа многу шанси за гол но се испостави дека центарфорот на домашните е јунакот.

Триесет и едно годишниот Никлас Филкруг на подоцна возраст стигна до врвот на германскиот фудбал. Минатото лето на 30 години дојде во Борусија Дортмунд а досега сезонава има 12 гола и 8 асистенции во Бундеслига и 3 гола + 3 асистенции во Лига на шампиони.

Филкруг на мечот со ПСЖ освои неколку дуели и често и помагаше на одбраната на својата екипа. Во нокаут фазата од Лига на шампиони веќе има два исклучително важни победнички гола: против Атлетико и против ПСЖ.

ЅВЕЗДЕН МОМЕНТ МУ БЕШЕ СВЕТСКО 2022 КОГА ПОСТИГНА ГОЛ ПРОТИВ ШПАНИЈА НА ЛУИС ЕНРИКЕ

Никлас Филкруг по втор пат дава гол против тим предводен од шпанскиот тренер. Во 2022-ра Никлас влезе од клупа за резерви на мечот меѓу Шпанија и Германија на Светско првенство 2022 и го израмни резултатот.

Интересно тој тогаш на Мундијалот за првпат беше повикан во репрезентацијата. Заслужено, како еден од најдобрите стрелци во Бундеслига за кого се заложија и навивачите и соиграчите а и ривалите.

Никлас на Светското даде гол против Шпанија и против Костарика. А во моментов е најважен играч во нападот на Германија кај селекторот Јулиан Нагелсман. Филкруг има 11 гола на 15 меча за „панцерите“. Тој е прв кандидат за нападот на Германија на домашното Евро 2024.

НА 30 ГОДИНИ СТАНАЛ ЕДЕН ОД НАЈДОБРИТЕ ВО БУНДЕСЛИГА

Најважните датуми за развојот на кариерата на Никлас Филкруг:

  • 1. мај 2022 играл во втора Бундеслига
  • 16. ноември 2022 дебитирал и дал гол за репрезнтација
  • 23. ноември дебитирал на Светско првенство
  • 19. септември 2023 дебитирал во Лига на шампиони
  • 1. мај 2024 игра во полуфинале на Лига на шампиони и дава победнички гол.

Филркуг долго време бил во сенка поради честите повреди. Неколку пати имал проблем со ’рскавица во едното колено поради што пропуштил многу играчко време и не можел да влезе во форма. Ниту во Нирнберг, ниту во Хановер, ниту во Вердер.

Во сезоната 2021/2022 Вердер Бремен испадна во втора Бундеслига. Таму Никлас Филкруг оформил одличен тандем со другиот центарфор, Марвин Дикш и двајцата постигнале 39 гола.

Во Германија одамна фалат добри домашни центарфори а необично е што повеќе расни стрелци почесто има во втората лига. Но ретко кој од нив формата од втора ќе ја пренесе во прва лига - па Филкриг е еден од ретките примери на таков играч кој блескал и во Бундеслига. Тој станал најдобар стрелец во втора Бундеслига со 16 гола бил најзаслужен што Вердер се вратил во најдобро друштво.

Тој се вљубил во Бремен каде после еден куп клубови си го нашол своето јато. Зборувал како сака да остане таму до крај на кариера. Но после моќната сезона во Бундеслига за него се заинтересирала Борусија Дортмунд која платила 16,5 милиони евра и тој минатото лето 2023-та стигна на „Сигнал Идуна Парк“.

ГО ВИКААТ ЈАЗОТ ПОРАДИ ПРОЦЕПОТ МЕЃУ ЗАБИТЕ

Во Германија Никлас Филкруг навивачите го викаат Lucke или во превод „јазот/процепот“. Тој прекар му го дал Марко Арнаутовиќ. 

„Луѓето кои ме знаат, велат дека тоа е моја карактеристична црта. Ја познавам жена ми уште од школски денови, таа се вљуби во мене ваков, со процепот (на забите). Ако нејзе и е нормално и мене ми е добро. Носев протези но јазот стана само поширок. Сега има простор за имплант. Можеби еден ден ќе си ги поправам забите. Можеби утре ако ме фати нешто“, се насмеал еднаш Филкруг.

Тој во Вердер Бремен играл одлично и давал голови дури и кога клубот бил принуден на сите играчи да им ги намали платите во услови на криза. „Кариерата на фудбалерот е околу 15 години. Јас сакам да уживам максимално за тоа време. Да, прифатив намалување но и натаму заработувам многу пари, доволно ми е, ми стигаат“.

Тој вели дека не може да се види далеку од фудбалот по крај на кариерата. „Дента кога ќе прекинам да играм професионален фудбал, ќе почнам да играм аматерски фудбал. Секогаш ќе играм фудбал зошто многу го сакам“.

Но за потоа. Никлас Фиклруг треба прво да ја однесе Борусија во финале на Лига на шампиони.

2 мај 2024 - 09:09