„Море од дрвја“ - приказната за шумата на самоубијците во Јапонија

Северозападно од планината Фуџи се наоѓа Аокигахара, шума која е толку густа што е позната како „море од дрвја“. Голем број посетители го бираат ова место како нивна последна дестинација. Тука се одвива и дејството на истоимениот филм со Метју Мекконахи, во режија на Гас Ван Сант.

Прва локација во светот по број на самоубиства годишно е мостот Голден Гејт во Сан Франциско. Втора е шумата Аокигахара во Јапонија, формирана од оладена лава која ја исфрлил вулканот Фуџи при последната голема ерупција во 864-тата година. Таа покрива голема површина (35 километри квадратни) чиј западен дел е богат со пештери кои се популарна дестинација за туристи и школски екскурзии. Но има и други делови низ кои едвај пробива светлината, а вулканските карпи го апсорбираат звукот што придонесува за уште поголема тишина и морничавост. 

„Застани и помисли уште еднаш на твоите родители, браќа, сестри или деца“, вели голем знак на јапонски на влезот на шумата. „Не страдај сам, побарај помош“. Мрачната репутација на шумата трае со децении, а таа е инспирација и за популарната култура. За нејзе низ Јапонија се слушнало во 1960-тите преку романот на Сеичо Мацумото, во кој главниот, женски лик заминува во шумата за таму да си го одземе животот. Во 2015 е снимен „Море од дрвја“ на Гас Ван Сант со Метју Мекконахи и Наоми Вотс во главните улоги. А во 2016 се појави американскиот хорор, „Шумата“, во кој жена ја бара нејзината близначка која мистериозно исчезнала на оваа локација.

Статистиката за стапката на самоубиства варира, меѓу другото и затоа што голем дел од телата никогаш и не се пронајдени. Во последниве години јапонската влада престана да известува за оваа бројка како превенција од идни случаи. Иако во шумата има и странци, најголемиот дел се Јапонци. Во тамошниот фолклор се верува дека во неа живеат духови (јуреи) од старците кои тука наводно биле носени да умрат со ритуална смрт, во време на големи кризи, војни и глад, како една уста помалку за хранење. 

Низ шумата има чести патроли, а волонтерите го обележуваат патот со јажиња и ленти за и самите да не се загубат. Проблемот за посетителите е што почвата во шумата е богата со магнетно железо што не овозможува покривање со интернет и телефонија (ги збунува и компасите), па повикувањето помош е отежнато.

Локалните жители жалат за репутацијата која ја има добиено оваа мирна шума, во која има дрвја стари и по 300 години, како и пештери полни со мраз.  

2 мај 2023 - 08:11